Крајно време е Европската Унија да возврати со кредибилитет и веродостојна политика кон Западен Балкан и на оние потези кои ги презедоа во последно време Владите и на Албанија и на Северна Македонија, вели во интервју за МИА претседателот на Центарот за европски политики на Србија, Срѓан Мајсторовиќ, кој е одличен познавач на приликите во регионот и експерт за европски интеграции.
–Извештајот вели дека двете влади навистина вложија дополнителни напори да ги исполнат неопходните услови и кога ситуацијата е таква што Владата на Северна Македонија ги исполнува условите кои од неа се бараат, би било навистина многу чудно ако Европската Унија во првата половина од годинава не донесе одлука за отворање преговори со Северна Македонија, до крајот на оваа година. Секоја друга одлука навистина би значела натамошно нарушување на довербата која е начната, така да кажам, во октомври минатата година, бидејќи во тој период навистина не беше фер и праведно што не се отворени преговори ниту со Северна Македонија и со Албанија – вели Мајсторовиќ.