Мајкрософт на својот блог објави дека рускиот ентитет кој стоеше зад минатогодишните големите хакерски напади на фирмата „Солар виндс“ поврзана со приватни компании и државни агенции, моментално изведува цел бран напади на компјутерските системи на САД, и оти засегнати се стотици компании и организации.
Мајкрософт во соопштение синоќа посочи дека нападите, вршени од руската хакерска група Nobelium, се насочени кон „трговски посредници и снабдувачи на технолошки услуги“ на облачните сервиси.
Според компанијата, нападите се дел од обемна кампања започната уште од минатото лето. Од 1 јули до 19 октомври Мајкрософт информирала 609 клиенти дека се цел на напади.
Весникот Њујорк тајмс, повикувајќи се на официјално лице, потврди дека моментално се изведуваат хакерски напади. Изворот укажа дека тоа се „несложени, обични операции кои би можеле да се избегнат ако снабдувачите на облачни услуги употребиле основни методи за кибер-безбедност“.