Од Петар Џобески (10) кој исчезна кај село Врбско, Мариово, веќе 15 дена нема трага. По момчето трагаа голем број на припадници на државните служби, како и доброволци. Се трагаше покрај течението на Црна Река, од спасителната служба ,,Златоврв” влегоа и во старите окна на поранешната фабрика ,,Партизанка” од Прилеп, се пребарува планинскиот предел, а потрагата беше отежната поради лошите временски услови.
Петар е едно од шесте деца на семејството Џобески. Со неговата мајка Соња ,,Фокус” разговараше минатата недела.
Тогаш таа вознемирено низ плач раскажа дека верува како Петар се сокрил некаде, бидејќи неколку часа пред да исчезне дошло до недоразбирање помеѓу него и браќата. Според нејзината претпоставка, тој најверојатно се исплашил дека татко му ќе го кара, па поради тоа се скрил, како што вели, можеби во некоја грмушка.
-Петар е дете со посебни потреби и многу е чувствителен. Верувам дека некаде се скрил, а по сето поминато време сигурно е истоштен… Само сакам да ни се врати – раскажа мајката.
Таа додаде дека се вратила во нивниот дом во Прилеп бидејќи останатите деца морале да продолжат со училиштето.
Појасни дека Петар бил облечен во бела блуза, бела поткошула со плави шари и носел жолт елек со бела трака. Долниот дел тренерки му биле во темна боја, а на нозете имал розови чизми.
Денес не успеавме да стапиме во контакт со Соња, бидејќи таа нема телефон, а го користи мобилниот на нејзината ќерка која ни кажа дека доцна ќе се врати дома.
Вики Клинчарова