За неполни 24 часа откако ,,Фокус” го објави апелот на Катерина Караманолева, мајка на 22 месечната Софија од Струмица, на која итно и е потребно лекување на клиника во Турција, кое изнесува 28.000 евра, проблемот со финансиите се реши.
Како и многу пати до сега, прв со конкретна помош се јави Бојан Јовановски, сопственикот на 1ТВ и БЈМ Медиагруп. Тој и 1ТВ во целост ќе го покријат лекувањето на девојчето, кое поради лошата здравствена состојба треба да започне што е можно побргу.
Кога и се јавивме на Катерина, мајката на Софија, таа се уште не беше сосема свесна дека нивниот финансиски проблем е решен за кратко време. Збунета, повторуваше дека навистина останала без зборови и како ниту самата не можела да поверува дека нешто вакво може да се случи.
-Се уште ги средувам впечатоците, без зборови сум. Стапивме во контакт со надлежните лица од 1ТВ, сите сме изненадени, мислевме дека вакви нешта не се случуваат во вистинскиот живот. Апелот за Софија се објави вчера, а веќе денес огромниот товар и грижата како, од каде и дали ќе се соберат средствата е зад нас. Преблагодарни сме на целата јавност која сочувствуваше со нас и донираше, на сите кои го споделуваа апелот и се помолија за здравје на Софија. Но, за она што го стори Бојан Јовановски, навистина не можам да ги најдам вистинските зборови. Кога ненадејно, во овие тешки за нас времиња, некој кого не го познаваме, ќе ви покаже таква добрина и хуманост, ќе ви пружи помош, што може да се каже? – со растреперен глас ни изјави мајката.
Таа додава дека е трогната од човечката добрина која Јовановски ја покажал кон нив и нивното дете, и како веќе денес треба да се сретне со одговорните во телевизијата, за да се договорат сите детали, по што Софија ќе замине на лекување во Турција.
-Човечката добрина е нешто што баш знае да не изненади во тешките времиња, особено кога се знае дека ја пружил некој кој за нас е странец и кому можеме само да му се заблагодариме од длабочината на срцето. Овој гест е доказ дека има надеж за сите, за целото човештво. Не знам што повеќе да ви кажам, ова е како некој сон – вели Катерина.
Апелот за Софија го објави ,,Фокус” во вторникот. Тогаш мајката ни раскажа дека нивниот живот се променил кон крајот на месец март, кога Софија, од здраво и напредно дете, престанала да оди. И бил дијагностициран тумор на р’бетен мозок, по што била оперирана во клиниката ,,Систина,” на товар на фондот. Но, по два месеци болеста повторно се вратила, и тоа на дел кај вратот (ЦНС), а лекарските тимови им кажале дека дека повторна операција е невозможна, хемотерапијата не помага, односно Софија мора да се зрачи.
-Кај нас зрачењето е класично, се плашиме дека сосема ќе ја уништи, таа е се уште многу мала. Овде на клиника прифаќаат да ја лекуваат, но јас како мајка, кога знам дека има и други решенија, сакам да ја однесам на клиника во Турција, на стереотактичка радиохирургија во болницата ,,Санте плус’’ во Истанбул – изјави пред два дена Катерина.
Раскажа дека е свесна како нејзиното залагање детето да го лекува во Турција, наместо во земјава, може да предизвика разни реакции, но тврдеше дека како родител го посакува тоа што проценила дека е најдобро решение за нејзиното дете, кое и без тоа било доста слабо и како нема време за чекање.
-Јасно ми е дека ќе има побуни затоа што не барам покритие од фондот. Јас имав искуство со фондот и знам дека ќе биде долга процедура, а ние време немаме – ни раскажа таа во вторникот.
Јовановски ни ја потврди веста дека лекувањето на Софија ќе биде покриено во целост. И на социјалните мрежи тој информираше дека неговата компанија ќе се откаже од месечните комерцијални надоместоци од споменатиот клиент во висина од 28.000 евра, потребен износ за операцијата на малата Софија.
-Во вакви случаеви мора веднаш да се реагира. Го сторив тоа што мислам дека е правилно и и посакувам здравје и долг живот на Софи – ни изјави Јовановски, кој во изминативе неколку години има пружено помош на многу лица кои се соочиле со тешки животни ситуации.
Во едно такво време – невреме, кога родители се борат за животот на своето дете и се соочуваат со тешка болест, последното нешто кое што им треба е да трчаат по донации и да се обидуваат да соберат пари за лекување.
Боки ја враќа вербата во човечноста и прави да веруваме дека чудата, сепак се возможни, кога некој има добро срце – се честите коментари на социјалните мрежи по повод настанот.
Вики Клинчарова