Мајката на момчето кое загина во пожарот позади „Рамстор“ бара помош, две години живее без вода и во барака пред распаѓање

by fokus

25-годишниот Мартин Сиљанов, кој загина во пожарот што изби во сервис за мопеди позади трговскиот центар „Рамстор“, зад себе остави мајка која е инвалид и која живее во трошна барака пред распаѓање. Нејзиниот живот го следат трагедии уште од рана возраст. Како дете била прегазена од војнички камион во Скопје, по што останала инвалид. На 28-декември го загуби својот син Мартин, по што останува да живее во барака во скопската населба Ченто, со својот друг син, но со ограничени примања.

И покрај тоа што е неподвижна до сега не и е одобрена инвалидска пензија. Живее од социјалната помош за куќна нега и од платата на нејзиниот втор син Влатко, кој е пријавен на минималец.

-Вкупните месечни примања од кои живеат не надминуваат 15.000 денари – велат пријатели на семејството.

Најголемиот проблем сепак е тоа што немаат вода. Веќе две години не протекла ни капка вода од нивните чешми. Пријателите апелирале, пишувале писма до властите, се обратиле и до јавното претпријатие „Водовод и канализација“, но проблемот останал нерешен.

-Тие луѓе немаат душа. Десетици пати сме побарале да ја закрпат цевката, но ништо не презедоа. Од „Водовод и канализација“ ни велат дека Општина Гази Баба треба да дозволи за да можат да копаат, и зошто проблемот не се решава, на нас не ни е јасно – вели Љубомир Стрезовски, пријател на фамилијата.

Трагедијата за загинатиот Мартин го потресла семејството и неговите пријатели. Го паметат како енергично момче со жив дух. Велат дека бил експерт за мотоцикли.

-За мотори беше професионалец. Можеше да склопи и да расклопи мотор – вели чичко Љубомир.

Тој апелира до хуманите граѓани колку можат да донираат финансиски средства за да се реновира бараката во која живеат мајката на Мартин и неговиот брат.

-Бараката е во хаос, може да издржи максум една до две години, кај и да е ќе падне. Се надевам дека ќе има граѓани кои ќе помогнат да се реновира. Целата е во гипс и е со поцрнети ѕидови поради старото ќумбе на кое се греат – посочува тој.

Додава дека ќе бараат помош и од Општина Гази Баба, но не очекуваат повеќе од еднократна финансиска помош. Тој го остави и својот телефонскиот број до редакцијата на „Фокус“ за граѓаните кои сакаат да помогнат да можат да го исконтактираат: 077 749 746.

М.В.

Поврзани новости