Мајката на малолетната Вања и роднини на велешанецот Жежовски треба да сведочат в понеделник во суд

by Fokus

Зорица Ѓорчевска, мајката на малолетната Вања Ѓорчевска која беше убиена лани во ноември и роднини на убиениот Панче Жежовски треба да сведочат на судското рочиште за двојното убиство коешто е закажано за в понеделник.

Откако беше соопштено дека обвинетиот Боре Видевски кој беше хоспитализиран на Клиниката за нефрологија поради проблеми со бубрезите, веќе е вратен во затворот во Шутка, пред судот треба да се појават сведоците предложени од обвинителството откако обвинителството и обвинетите дадоа воведни зборови.

На списокот на обвинителството први сведоци се мајката на убиеното девојче и роднини на убиениот Жежовски, односно Ѓорчевска, Ана Киркова и Тодор Кирков.

Мајката уште на почетокот на судењето преку својот полномошник достави барање целиот судски процес да биде затворен за јавноста поради тоа што со тоа им се предизвикуваат дополнителни трауми, нејзе и на нејзината друга ќерка.

Сепак судот го одби ова барање, но можно е нејзиното сведочење да биде затворено за јавноста ако таа побара, а судот го прифати.

На минатото рочиште сите петмина обвинети, Љупчо Палевски Палчо, Велибор Манев, Борче Видевски и Влатко Кешишов, како и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Обвинителството пак тврди дека ќе докаже дека Палевски е извршител на двете убиства, тројцата обвинети му помогнале во грабнувањето и убиството на жртвите, а таткото на Вања им давал информации кога неговата ќерка ќе излезе сама. Мотивот бил користољубие односно да земат пари од мајката на Вања.

Палевски и таткото го спореа мотивот бидејќи дупките за жртвите биле ископани уште пред убиствата и дека воопшто не биле побарани никакви пари од мајката. И двајцата тврдат дека не се познаваат.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости