Мајката на Коста ја кажала својата верзија: Се промени во пубертетот, но ништо драматично

by Фокус

Мајката на момчето кое уби деветмина негови врсници и чуварот на Основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија беше сослушана во полиција, па, како што објави Блиц, во таа прилика детално ја раскажала својата верзија за приказната за детството на нејзиниот син, неговото здравје, односот со врсниците, семејните односи.

Мајката на момчето низ солзи рекла дека ништо не и укажувало на тоа дека нејзиниот син може да стане масовен убиец.  Изворот на Блиц вели дека таа раскажала како нејзиниот син бил надвор од градот со другар и неговата мајка пред злосторството. Таму заедно го поминале 1 мај, по што се вратиле во Белград.

Таа тврди дека не забележала промени во неговото однесување. Ден подоцна, на 2 мај, момчето и неговата сестра не отишле на училиште и отишле кај бабата и дедото, а вечерта се вратиле и заедно гледале филм.

Мајката рекла дека на кобниот 3 мај станала прва да им направи појадок на момчето и неговата сестра. Нејзиниот сопруг отишол на работа, по што таа ги разбудила децата. Тврди дека и тогаш не забележала ништо чудно во однесувањето на нејзиниот син, освен што бил успорен за време на појадокот и при подготвувањето.

Еден час подоцна мајката слушнала за пукањето во училиштето. Таа во полиција изјавила дека мислела оти нејзиниот син е ранет во пукотницата и веднаш отишла во училиштето каде ја дознала вистината.

Изворот на Блиц открива дека мајката на момчето убиец го опишала својот син како момче со широки интереси, кое не е импулсивно, но енергично, љубопитно и кое знаело да ги покаже емоциите кон неа и кон баба му преку прегратка.

Мајката вели дека последниве години не го покажувал своето незадоволство преку плачење, за разлика од порано кога бил помлад и плачел кога нешто не му се допаѓало. Тврди дека момчето со неа било поблиско отколку со неговиот татко, а за момчето и неговата сестра се грижела дадилка од раѓање која никогаш не се пожалила на него.

Мајката на убиецот изјавила дека забележала оти нејзиниот син поинаку се однесувал за време на пубертетот, но не ги опишала како драматични настани.

Мајката во полиција кажала дека на почетокот на оваа учебна година момчето почнало да се изолира во својата соба, дека не ја заклучувало вратата, туку барало од помалата сестра со која делеле соба да си оди.

Тој, исто така, почнал да се заклучува во бањата, а двапати неделно, според зборовите на неговата мајка, тој се расправал со неа кога се враќала од работа и го затекнувала дека не ги завршил училишните обврски и оти неговата соба е хаос, а гледал филм или седел на телефон.

Поврзани новости