Во јуни имав една операција, сега повторно сум оперирана од полип, моментално сум хоспитализирана во Државна болница во Скопје. Грижите си го направија своето, повеќе од една година и седум месеци не знам каде е моето дете, со здравје плаќаме за ова кое ни се случува – за „Фокус“ раскажува Снежана Лазаревиќ од Демир Капија, чиј син син Илија е исчезнат од месец април 2021 година.
Во времето кога излегол од дома, и кажал дека ќе оди да се прошета и ќе се врати за ручек, тој имаше 30 години. Откако не се вратил дома, мајката се обидела да го добие на телефон, но не одговарал на повиците. Во тој период беа актуелни полициските часови поради пандемијата со корона вирус, и кога започнал полицискиот час, а Илија не бил вратен дома, Снежана сфатила дека нешто се случува.
По пријавата во полиција, дека син и е исчезнат, во Демир Капија се организираа повеќе потраги. Сигнал од мобилниот на момчето последен пат бил лоциран во близина на старите тунели кај Демир Капија. Заминал од дома во петок, а во сабота навечер мобилниот му се исклучил. Очајната мајка во повеќе наврати преку „Фокус“ апелираше до јавноста за информации за синот. Молеше доколку некој знае нешто, доколку Илија бил некаде забележан, да биде пријавено во полиција.
-Времето минува, не смееме да дозволиме случајот да падне во заборав од институциите. Нема ништо ново во врска со истрагата, детето ми го нема, а чекањето на вести и неизвесноста ни се одразија врз здравјето. Дома сите сме загрижени и не знаеме веќе каде да се обратиме. Се работи за возрасен човек, не е ова игла, па да се изгуби и да не може да се најде-раскажува мајката.
Илија бил финансиски независен, работел во градежништвото. Имал многу пријатели низ цела земја, но од моментот на неговото исчезнување никој немал контакт со него. Семејството замолува, доколку некој нешто знае во врска со случајот, да ја извести полицијата.
Вики Клинчарова