Мајката на Анамарија за „Фокус“: Лекарките ми го убија детето, од Инфективна ја извадивме во сандак, а предметот веќе две години се чува во фиоките на ОЈО

by Fokus

На нозе влезе во болница, а во ковчег излезе“. Вака својата потресна приказна ја почнува скопјанката Маргарета С., мајка на 12–годишната Анамарија, која пред две ипол години почина на скопската Клиника за инфективни болести под сомнителни околности.

Малото девојче влезе во црните статистики и во архивите на клиниките како уште еден случај кој се води „под строго доверливо“ затоа што никој од одговорните не даде точни одговори – од што починало девојчето, односно дали причините за нејзината прерана смрт се кријат во лекарската негрижа.

Нејзините родители и по две ипол години од нејзината смрт не можат да се помират, тврдејќи дека лекарите им го убиле детето.

Само сакаме сите да знаат дека нашето дете не било од ништо болно и дека несовесното лекување на лекарите таа вечер ја однесе во смрт. Тие ѝ ставија неколку инфузии со гликоза и го покачија шеќерот и на крајот ѝ ставија човечки протеини, од што срцето повеќе не можеше да издржи – раскажуваше мајката на Анамарија.

Повторно стапивме во контакт со семејството на девојчето, од каде што ни тврдат дека пред две години поднеле кривична пријава против трите лекарки кои таа вечер го лекувале 12-годишното девојче, две од Инфективната клиника и една лекарка од Детската клиника, која таа вечер дошла во конзилијарна посета, но целиот случај тапка во место, а предметот се чува во фиоките на Основното јавно обвинителство.

– Имавме голема надеж дека тогашниот јавен обвинител што беше поставен за случајот ќе се заложи да ја докаже правдата, но на наше големо изненадување тој беше тргнат од случајот и назначен на друга позиција, откако претходно бевме повикани да дадеме исказ во ОЈО. Оттогаш немаме никаква информација. Предметот е доставен кај негова колешка и веќе две години се чува во фиока. Останаа неуспешни нашите обиди да стапиме во контакт. Ниту, тогашниот министер за здравство Никола Тодоров немаше слух за нашите молби да седнеме и да му ги објасниме пропустите на системот што го однесоа во смрт нашето девојче – додава 45-годишната Маргарета С.

Нејзиниот татко пред повеќе од една година со јавноста сподели отворено писмо во кое ја опиша целата голгота, со која се соочила нивната 12-годишна ќерка на скопската Клиника за инфективни болести. „Фокус“ во неколку наврати се обиде да стапи и со директорот на клиниката Ѕвонко Миленковиќ, кој упорно ги игнорира нашите повици.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости