Пред судот денес сведочеше Јулија Златкова, мајка на загинатиот Томас Златков, која остро реагираше на однесувањето на обвинетите на претходното рочиште.
„Шеесет и три убиени деца. Шеесет и три уништени иднини – на нив и на нивните семејства. Контрадикторно е што на минатото рочиште ниту еден од обвинетите не се изјасни за виновен. Зарем ние родителите треба да ги потсетуваме зошто се во судницата?“ рече Златкова.
Таа истакна и дека, според неа, каење не било покажано:
„Никој не покажа совест, ниту трошка човечност да ја признае својата вина. Ниту тој, ниту неговиот син.“
Златкова нагласи дека родителите продолжуваат да бараат и очекуваат правда за сите загинати:
„63 не е бројка, ниту статистика. Тоа се млади, згаснати животи. 63 сенки што ќе чекори по нас засекогаш.“
Таа додаде дека се надева семејствата да ја добијат правдата што ја заслужуваат, бидејќи „овие деца заслужуваат правда – барем толку им должи светот“.