(АРХИВА) Дигиталниот идентитет, визија или далечна реалност за Македонија?

Додека ЕУ ги обединува сите документи во дигитален идентитетски паричник, Македонија сè уште се соочува со предизвици во инфраструктурата, законската рамка и довербата на граѓаните.

by irena 11:44
11:44

Пишува: Сара Танаскоска

Додека светот јасно чекори кон дигиталната иднина, Македонците сѐ уште чекаат редови за да извадат извод на родените не постар од шест месеци, бидејќи постои начин да се извади електронски меѓутоа доставата трае со денови или недели и грешките се негов составен дел.

Во време кога Европската Унија веќе го развива концептот на дигитален идентитетски паричник, кој ќе им овозможи на граѓаните да ги имаат сите лични документи на мобилен телефон, Македонија сè уште се соочува со технички и административни предизвици. Овие пречки се повеќе од јасен показател дека државата не е целосно подготвена за воведување ваков електронски модел бидејќи инфраструктурата за е-идентификација и доверливи услуги е сè уште во развој. Електронските услуги не се доволно бројни и интуитивни за граѓаните, а законската рамка и механизмите за надзор и безбедност на податоците не се целосно усогласени со европските стандарди.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, официјално го претстави проектот „Везилка“, Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Република Македонија, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ, кој е носител на проектот.

Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница, истакна министерот Андоновски.

ДИГИТАЛЕН ИДЕНТИТЕТ, ОД ВИЗИЈА ДО РЕАЛНОСТА? 

Еден од главните предизвици за дигиталната трансформација во Македонија е токму воведувањето на дигитален идентитетски паричник, или апликација преку која граѓаните ќе ги имаат сите лични документи на мобилниот телефон. Овој концепт, веќе развиен и во процес на имплементација во Европската Унија, ќе им овозможи на граѓаните да се идентификуваат, да потпишуваат документи и да користат услуги со истата правна тежина како со физички документи.

Системот гарантира заштита на личните податоци преку напредни технологии, како енкрипција, двофакторска автентикација, што овозможува проверка на идентитетот без да се откриваат повеќе лични податоци од неопходното. Клучна е контролата на самите граѓани врз тоа кои податоци ги споделуваат и со кого, што го прави системот децентрализиран и помалку подложен на масовни „кражби“ на важни информации.

Во Македонија, апликацијата „m.Uslugi“ е во тест-фаза и ќе им овозможи на граѓаните да ги користат своите документи, вклучително и личната карта, директно на мобилниот телефон.

Иако ова претставува голем чекор напред, сепак Македонија сè уште нема изграден систем што може целосно да ја гарантира безбедноста и етичката употреба на ваквите технологии. Бидејќи дигиталниот идентитет не е само техничко прашање, туку и прашање на доверба, транспарентност и институционална одговорност.

Експертот за вештачка интелигенција, Суад Сефери објаснува дека вештачката интелигенција е клучна компонента, која овозможува интелигентна автоматизација, анализа на големи податоци и предвидување, што им овозможува на јавните услуги да бидат поефикасни и прилагодени на вистинските потреби на граѓаните.

Вештачката интелигенција е клучна компонента, која овозможува интелигентна автоматизација, анализа на големи податоци и предвидување, што и овозможува на јавните услуги да бидат поефикасни и прилагодени на вистинските потреби на граѓаните. Во дигиталната трансформација, ВИ не е само технолошко решение, туку алатка што помага во подобро управување со ресурси, носење одлуки базирани на податоци и намалување човечки грешки. Најмногу придонесува во домени, како идентификација на личности, здравство, финансиски услуги и безбедност, каде што се обработуваат големи количества информации и каде што е потребна висока прецизност и брзина, додава Сефери.

КАКВИ РИЗИЦИ ПОСТОЈАТ?

Иако дигиталниот идентитет нуди практичност и ефикасност, тој отвора и сериозни прашања за безбедноста и приватноста на граѓаните. Еден од главните ризици, според експертите, е прекумерното собирање и обработка на лични податоци, што може да доведе до создавање детални профили на граѓаните без нивно знаење.

Еден од главните ризици е прекумерната обработка на лични податоци, што може да доведе до создавање непотребни профили без знаење на граѓаните. Присуството на алгоритамска пристрасност може да предизвика нерамноправен третман на одредени групи или индивидуи. Исто така, ако системите за идентификација и биометрија се користат без соодветен надзор, постои ризик од злоупотреба. Овие предизвици бараат јасни регулаторни мерки и институционална контрола, потенцира Сефери.

Токму затоа, според него, потребни се јасни регулаторни механизми и институционален надзор. Во пракса, тоа значи дека секој систем што користи вештачка интелигенција или обработува биометриски податоци, мора да помине строга безбедносна и етичка проценка пред да биде пуштен во употреба.

Основен принцип е ограничување на собирањето податоци само на неопходните за одредена намена, во согласност со принципот „privacy by design“. Секој алгоритам што оперира со чувствителни податоци мора да помине строга етичка и безбедносна процена пред да биде пуштен во употреба. Воведувањето на човекот во процесот на одлучување („human-in-the-loop“) е неизбежно – ВИ треба да биде асистент, а не да носи конечна одлука самостојно. Алгоритмите треба да бидат проверливи и реверзибилни, со можност за објаснување и ревизија на секоја одлука што ја носат, вели Сефери.

ДО КАДЕ Е МАКЕДОНИЈА?

Дигиталната трансформација не треба да се сфати само како технолошка промена, туку како општествен процес што бара учество, информираност и доверба од сите граѓани. Без активно вклучување на јавноста, транспарентност во процесите и етичка одговорност на институциите, дигитализацијата може лесно да се претвори во уште еден облик на бирократска компликација, наместо олеснување.

Македонија има можност да научи од искуствата на земјите-членки на Европската Унија, каде што дигиталниот идентитет се гради врз три столба – сигурност, контрола на податоците и пристапност за сите. Тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на возраст или технолошко познавање, треба да има еднаков пристап до дигитални услуги и јасна гаранција дека неговите податоци се заштитени.

Централната порака е дека дигиталната трансформација не започнува со технологијата, туку со институционалната зрелост. Ја советувам државата прво да воспостави јасна национална рамка за одговорна и етичка употреба на ВИ, усогласена со најновите европски регулативи и стандарди. Секој проект со ВИ мора да помине етичка, правна и социјална процена пред имплементација. Обучувањето и развојот на компетенции кај администрацијата за разбирање на технолошките ризици и морални дилеми е предуслов за контрола и отчетност. Технологијата треба да служи како инструмент во рацете на добро обучени и одговорни луѓе, додаде Сефери.

Сефери оценува дека Македонија располага со технички и човечки потенцијал, но ѝ недостасува координирана и транспарентна регулаторна рамка за надзор над системите за ВИ и дигитална идентификација.

Македонија располага со технички и човечки потенцијал, но недостасува функционална, координирана и транспарентна регулаторна рамка за надзор над ВИ системите. Подготвеноста е делумна, со важни напори во насока на дигитална трансформација, но без јасна политичка поддршка и институционализација на одговорноста постои ризик процесот да остане ограничен на технички капацитети, без доволна доверба од граѓаните. Со усвојување на обврзувачки етички стандарди и воспоставување независно тело за надзор, Македонија може да стане пример за балансирана и одговорна дигитална трансформација во регионот, додава Сефери.

Дигиталниот идентитет и дигиталната трансформација не се само технолошки предизвици, туку и обврска за создавање доверба меѓу државата и граѓаните. Македонија веќе има технички и човечки потенцијал, но вистинскиот успех ќе зависи од политичка волја, етичка рамка и институционализиран надзор. Со јасни правила, транспарентност и активно вклучување на граѓаните, дигиталната иднина може да стане, не само реалност, туку и пример за одговорна и инклузивна трансформација во регионот.

Текстот е објавен на 29 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.569.

Слични вести