Мајка на девојче убиено во масакрот во Врачар: За мене „Рибникар” веќе не е училиште!

by Fokus

„За мене „Владислав Рибникар“ во Врачар од 3 мај повеќе не е училиште. Тој ден беше уништенo и ниедно дете не смее повторно да стапне таму да оди на настава, бидејќи тоа не е нормално. Не смее повеќе да биде училиште. На тоа место треба да се направи меморијален центар. Учебната година мора веднаш да се прекине во цела Србија, да се покаже солидарност, а не да се продолжи со обиди за нормализирање на сето ова. Во ред е – и треба – децата да поминуваат време со класот и наставниците, но надвор од училиште – на терени, игралишта, во паркови, нека зборуваат, се смеат, плачат, врескаат, нека се гушкаат. Во текот на летото во фокусот треба да ни бидат сите деца, а од 1 септември мора целосно да се реформира образовниот систем – концептуално да се промени основното училиште“. Ова го вели Миланка Негиќ, мајка на Софија (13), која беше убиена на 3 мај во училиштето во Врачар.

Таа реши да се огласи во јавноста за да се обиде да промени нешто, да укаже на фактот дека мора да се промени сегашниот систем на основно образование, бидејќи на децата треба да им се понудат содржини кои пред се ќе развиваат емпатија, блискост, другарство, меѓусебно почитување, а не како досега, образованието да биде само трка по оценки, пренесуваат српските медиуми.

-Имам и четири и пол годишно дете, имам волја и сила да се борам, сакам тоа дете да порасне тука, и важно ми е во какво општество ќе порасне. Затоа сакам да го истакнам сето ова и зачудувачки ми е како овие денови сите зборуваат на темата, како некако се друго е во фокусот освен клучните работи. Морам да го кажам ова иако сето ова бара од мене многу енергија, бидејќи вложувам многу труд и енергија за некако да ја задржам Софија присутна покрај мене, да го слушам нејзиниот глас, да најдам начин да се справам со се“ вели Негиќ за српски „Курир“.

Софија кога почнало пукањето била во тоалетот во училиштето. Надвор ја чекала другарка, која кога ги чула истрелите избегала во друга кабина. Меѓутоа, Софија истрчала во ходникот и тука загинала.

„Доживеавме нешто што е најголемата трагедија што се случила на светот, а сега ги туркаат децата да одат на училиште, да нормализираат се, да продолжат. А ова е „Крвавата бајка“ на 21 век. Се сеќавам, кога бев мала секој 21 октомври цело одделение зборуваше за тоа што се случило во Крагуевац во 1941 година, и целото одделение плачеше, имаше чувства, емоции, сочувство, иако поминале повеќе од 40 години. Има причина за тоа – децата се поистоветуваат со децата, со што се развива емпатија. Никогаш не плачевме кога слушнавме дека е убиен херој, ни беше жал, но кога слушавме дека се убиени деца – тогаш плачевме. А нашето општество денес нема емпатија, тоа не се стекнува во училиште, во училиште има само некоја нездрава конкуренција и завист, тоа е единственото нешто што се развива. Во училиштето најголем акцент се става на оценките, има голем притисок кога се во прашање оценките. Покачени се праговите за упис во средните училишта, децата фрустрирани. Затоа притисокот со оценките мора под итно да исчезне. Акцентот во основното училиште мора да биде на нешто друго, да ги научиме децата на вредности, да им дадеме одредена содржина, да имаат култура, да се дружиме и да се поврзуваме, да развиваме емпатија. Тоа е приоритет, а тоа сега го нема“ – вели Негиќ.

Ожалостената мајка додава:

„Различна содржина мора да биде вклучена во основните училишта, од 1 септември мора да одат во театри, кина, да шетаат, да се држат за рака, да се собираат на терените, да ги посетуваат спортисти и музичари. Децата нема однапред создадени релации, се зависи од тоа какви им се родителите, колку вложиле и во каква средина расте детето… А некои родители работат дење и ноќе, немаат време да им се посветите на децата, затоа ова мора да биде важно за општеството. Ако е предвидено основното училиште да е задолжително, тогаш таму детето не треба само да научи да чита и пишува, собира и одзема, туку треба да научи да има емпатија, да развива другарство, да му се даде некаква содржина… Па, ако не можеме да очекуваме секое семејство да ја даде таа содржина, тогаш тоа е прашање за општеството, треба да се справи со тоа. На општеството му е важно во какви луѓе ќе пораснат тие деца. Затоа, приоритет е општеството сега да се сврти кон децата. Во цела Србија. Целата енергија, која сега се троши на прошетки и протести, треба да биде насочена кон децата. Да се занимаваме со децата“.

Поврзани новости