Поп пејачот Ламбе Алабаковски (34) кој неодамна се врати во родниот крај по седум години поминати во Америка, од вчера повторно е во центарот на вниманието, откако беше приведен поради палење на влезната врата на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов” во Битола.
За голем дел од јавноста чинот на Ламбе е херојство, за некои непромислена одлука поради која ќе сноси последици, но сепак по настанот, тој е еден од најпребаруваните ликови на интернет во земјава, а неговите постари песни повторно се актуелни во етерот.
Околу тоа кој е Ламбе, кого македонската јавност го запозна во 2004 година, кога имаше само 16 години, и стана инстант тинејџерска ѕвезда по победата на музичкото шоу ,,Плеј – потрага по ѕвезди” во минатото се пишуваше многу. Тој заедно со неговите колешки Елена Ристеска и Александра Пилева во тој период беа новите лица на естрадната сцена, и ги полнеа локалите во кои настапуваа, како и насловните страници во медиумите.
Ламбе е роден во Битола, а детството и раната младост ги поминал во Љубојно, мало место на околу 2 километри од Преспанското Езеро. Живеел заедно со родителите, мајка му Маријана, татко му Лазар, постариот брат Андреј, баба му Менка и дедо му Ламбро, по кого го добил името.
Средно музичко училиште завршил во Битола, и во минатото раскажуваше дека како дете редовно помагал во работата по нивите, во берењето на јаболка… Не криеше дека по аудицијата за шоуто на ,,М2” од Битола се вратил право дома и веднаш заминал на јаболкобер, и често раскажуваше за животот на село. По победата на музичкото шоу во 2004 година, животот му се променил од корен и тој се пресели во Скопје.
Во екот на неговата најголема популарност, во мај 2006 година, по боледување почина неговата мајка Маријана. Тогаш тој имаше 18 години, а лошата вест ја дочека во Атина, Грција, на Евровизија, каде беше дел од екипата на Елена Ристеска. Неговите блиски раскажуваа дека избегнувал да зборува за големата болка која му ја нанесе животот, но продолжил да пее поради мајка му, која секогаш му била голема поддршка во кариерата и многу се гордеела со него.
Таа година тој го издаде и својот деби албум ,,Море од солзи”. Голем број на песни кои станаа хитови и кои му донесоа награди и ги посвети нејзе – ,,Море од солзи”, ,,Бело е се”, ,,Ех да можам да го вратам времето”, ,,Ќе те чекам јас”… -Сите песни му се убави, ама најмногу ја сакам ,,Земјо моја”. Тој пее ,,Земјо моја”, но сака да каже ,,Мајко моја”.
Знам јас, песната е посветена на мајка му. Многу добра жена беше, со многу добра душа. Ламбе по табиетот и по душата е на неа. Кај нас дома син ми ја донесе на 16 години. Тогаш го роди брат му Андреј. Не знаеше да готви и да сука, ама за се ме прашуваше: Мајко, како да го направам ова, како она, и јас се ја научив – пред повеќе години раскажуваше неговата баба Менка пред новинарската екипа, за време на репортажа за животот на Ламбе во Љубојно.
Во постари интервјуа Ламбе раскажуваше дека вербата во Бог многу му помогнала во тешките периоди, а кога во 2013 година победи на ,,Скопски Фестивал” и освои парична награда од 20.000 евра за песната ,,Ќе те чекам јас” изјави дека дел од наградата ќе оди на сметката на Бигорскиот манастир, кој бил негово духовно светилиште.
Во 2013 година се ожени со својата избраничка Магдалена и животот го продолжија во Детроит, Америка. Тие се родители на два сина, а кога неодамна се вратија во Битола, Ламбе раскажа дека иако му било добро во Америка, во мислите постојано бил во Македонија.
Токму поради тоа што тој до неодамна живееше во странство, од Обвинителството вчера барале краткотраен притвор за него, поради опасност да не побегне надвор од земјава. Последниот јавен настап на Алабаковски се случи во неделата, на Фолк Фест Валандово, каде си ја проба среќата и во фолк музиката, но не освои ниту една награда. Наредниот период имаше најавено повеќе настапи во клубови во земјава.
Вики Клинчарова