Големиот хуманитарец од Неготино, студентот Димитар Аврамов (22), продолжува со своите добротворни мисии и го најави шестиот по ред хуманитарен маратон „Неготино се буди”.
Момчето кое што за време на своите средношколски денови дојде до идеја да им помага на своите сограѓани на кои им е потребна парична помош за лекување или пак се социјално загрозени семејства, организирајќи хуманитарен маратон, од 29-ти февруари до први март ќе го реализира шестото издание на проектот. Целта на настанот е да се соберат средства за Дарко Митков од Кавадарци, момче кое што во најбрз можен рок треба да замине на клиника во Истанбул, Турција.
Неговата мајка ќе му донира бубрег, а за операцијата му се потребни 30.000 евра. Поради тоа, Аврамов најави одржување на хуманитарни турнири во одбојка во СОУ „Свети Кирил и Методиј” во Неготино, а сите собрани средства ќе му бидат донирани на Митков. Хуманитарниот маратон на Димитар за прв пат се одржа во Неготино пред шест години, а средствата од настаните им беа донирани како помош на поплавените лица.
Во наредните години, со низа настани од спортот и културата, во негова организација, се донираше помош на социјално загрозени семејства од Криволак и Дисан, потоа на самохрана мајка од Неготино, а пак лани се започна со изградба на куќа на тричленото семејство Најдови од селото Долни Дисан.
Изградбата на куќата е веќе при крај, и минатиот месец за „Фокус” Димитар изјави дека е горд на своите сограѓани кои што донирале парични средства, градежни материјали, но и на младите луѓе кои што доброволно доаѓале да помагаат со градежните работи.
Тој апелираше да се продолжи со донации за Најдови, бидејќи следува уредување на внатрешноста на куќата на семејството кое буквално започнува од нула и има потреба од мебел и апарати за домаќинство. За хуманитарниот маратон на кој што ќе се собираат средства за момчето од Кавадарци, Аврамов вели дека е во духот на семејната љубов, за нераскинливата врска помеѓу една мајка и нејзиниот син.
Освен што ќе се собираат средства на предвидените настани во градот, тој апелира сите граѓани и општествено одговорни компании кои што се можност да донираат на следната жиро сметка 210-700000649842 НЛБ Банка, со назнака донација за Дарко Митков.
Вики Клинчарова