Во зоолошката градина во Ташкент во Узбекистан, мајка ја фрлила својата тригодишна ќерка во кафез со мечки, а целиот настан бил снимен од надзорните камери.
На видеото се гледа како маж се обидува да спречи жена во намерата да фрли девојче во кафез со мечки, но таа сепак го испушта детето.
Преплашените посетители гледале како огромното животно трча кон девојчето кое било фрлено во кафезот, но за среќа мечката воопшто не го нападнала. Мечката по име Зузу го намирисала девојчето, а потоа си заминала.
Чуварите брзо ја намамиле во затворениот дел од кафезот и ја заклучиле, а потоа втрчале четворица чувари и го извадиле детето.
Девојчето се здобило со тешки повреди од падот.
„Детето падна од висина од пет метри и се здоби со повреди на главата. Не е во животна опасност, но интензивно се следи неговата состојба“, соопштија надлежните.
Мајката е обвинета за обид за убиство и се соочува со затворска казна до 15 години. Не е познато зошто го фрлила детето, пренесува „Russia Today“.