Откако почина малата Тамара Димовска од Велес, чекајќи операција во странство, не можејќи со месеци да се решат бирократските процедури, во јавноста се појави нов случај, за кој алармираше еден од родителите на девојчето. Се работи за едногодишната Медина која постепено ослепува додека чека скопската Клиника за очни болести и Детската клиника да се договарат по чиј протокол треба да се лекува.
– Ќерка ми беше хоспитализирана на Одделот за хематологија при клиниката за детски болести во Скопје за да се утврди точната дијагноза поради промените во двете очи кои укажувале на постоење тумор (ретинобластум), кој може да доведе до слепило и да го зафати мозокот. Јас на 17 ноември лани чекајќи 35 дена да започне лекувањето и немајќи никакви информации за процедурата по која ќе се одлучи чиј протокол е правилен, побарав испис и Медина доби отпусна листа. Не сум задоволна, бидејќи тие чекаат како некои деца што умираат и моето дете да умре. Самата докторката Софијанка, која што ја лекуваше мојата ќерка ми кажа дека слободно можам да ја напуштам клиниката бидејќи се уште нема излез – Филизана Алијоска, мајка на едногодишното девојче.
Од здружението Рома С.С.С од Прилеп по барање на мајката поднеле четири пријави и тоа до Државен санитарен и здравствен инспекторат, Директорот на ЈЗУ клиника за очни болести, до Министерство за здравство, како и претставка до Народен правобранител, но не добиле одговор.