Мајчинското, татковското и родителското отсуство ќе се плаќаат еднакво

by fokus

Откако извадок од предлог-текстот на Законот за работни односи предизика дилеми во јавноста дека породилното отсуство ќе трае само пет месеци, сега јавноста прашува дали трите типови на отсуство: мајчинско, татковско и родителско ќе се плаќаат еднакво.

Од Министерството за труд и социјална политика за „Фокус“ објаснуваат дека според сегашната нацрт-верзија на текстот идеја е сите три вида на отсуство да бидат платени исто како и досегашното породилно отсуство.

Имајте предвид дека се уште зборуваме за нацрт-верзија на Законот за работните односи. Но, да, идејата е ова секако да бидат платени отсуства, а надоместокот на плата да се пресметува на ист начин како и за актуелното породилно отсуство, велат од Министерството.

Надоместокот за породилно отсуство сега изнесува 100 отсто од просечната плата исплатена во последните 12 месеци.

Според сегашниот нацрт-текст за новиот Закон за работни односи, мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно. Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци.

Дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци.

Сепак, дел од претставниците на здруженијата за работнички права се скептични за овие измени и најавуваат конкретен став за нацрт-текстот откако ќе направат детална анализа и консултации со правници.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости