Маја Панчева, која важи за една од нашите најубави поп пејачки, денес наполни 49 години. Сопруга на легендарниот фудбалер Дарко Панчев, мајка на Надица и Марија, кои се веќе возрасни личности, Маја подеднакво плени со својата појава, исто како и пред повеќе од две децении, кога се појави на музичката сцена.
За „Фокус“ раскажува дека кога ќе погледне наназад, во годините кои изминале, може без двоумење да каже дека е среќна жена, која е задоволна со се што и донел животот.
-Што да кажам денес, на мојот 49-ти роденден? Музиката е мојот живот и верувам дека оставив белег на сцената. Работам во МОБ, изградив добра музичка кариера, освоив многу музички награди…
Среќна сум што се изградив како добра личност, и што имам прекрасно семејство. Од тоа, од таа семејна идила, поголема награда не ми треба – вели Панчева.
Со Дарко се заедно повеќе од две децении, и редовно раскажуваа дека за нив семејните вредности се нешто најсвето.
На прашањето дали жали за нешто во животот, за некоја пропуштена шанса можеби, посебно во кариерата, вели дека е презадоволна од постигнатото.
-Човек секогаш можеби може да постигне повеќе, но јас сум задоволна од сето ова досега. Секогаш може да се имаат поголеми амбиции, но времето и објективни причини понекогаш не дозволуваат да го направиме она кое некогаш го сакаме- ни изјави Маја.
Вики Клинчарова