Првите дами на Република Македонија и Република Турција, Маја Иванова и Емине Ердоган, на денешната средба во Анкара размениле информации и мислења за нивните искуства и активности на кои досега се ангажирани.
Иванова, како што соопшти кабинетот на македонскиот претседател, се заблагодарила за досегашната одлична соработка со ТИКА – Турската агенција за соработка и координација, со чија поддршка се реализираа проекти во Македонија.
„Иванова искажа благодарност за реализираните проекти на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, отворањето на првиот Ургентен центар на Детска клиника, кој свечено се пушти во употреба во декември 2013 година, и Проектот за комплетна реконструкција, односно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на Детска клиника, кој технички се пушти во употреба минатата година“, се наведува во соопштението.
Сопругата на претседателот Иванов нагласила дека со овие исклучително значајни проекти на Детската клиника поддржани од ТИКА се овозможија најсовремени услови за лекување и подобри здравствени услуги за најмалите пациенти.