Обвинувањата од СДСМ дека општина Карпош потрошила илјадници евра за спортска опрема од приватна компанија негативно се одразиле врз резултатот на ГРОМ во Карпош на изминативе парламентарни избори. Ова е една од причините зошто градоначалникот на Карпош и воедно лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, ја тужи Магдалена Несторовска од СДСМ, општината и компанијата, кои вкупно бараат 80.000 сатисфакција за нанесената навреда и клевета. Како доказ за тоа, Јакимовски до судот доставил и партиски рејтинзи што се правеле пред изборите, кои не одговораат со изборниот резултат.
– За разлика од нивните кандидати, кои својот рејтинг го градат само на интриги и на манипулации со јавноста, јас мојот го изградив со работа и со конкретни резултати – смета градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ.
Од СДСМ, пак, реагираа дека тој е човек со двоен морал, кој ги менува партиите како што ги менува интересите.
„Јакимовски се радува дека е златна акција во Парламентот на Никола Груевски, па го упатуваме тука да ја насочи својата анализа за загубата на последните избори, коишто му покажаа каде му е местото“, соопштија социјалдемократите.
Повикувајќи се на официјални информации, Несторовска пред двојните избори изјави дека општината во два наврати потрошила вкупно 120.000 евра за набавка спортски капи, маици и гаќички од фирмата „Линк медиа“. Посочената компанија, според Бирото за јавни набавки, соработувала со неколку министерства и јавни претпријатија, како и со повеќе општини, главно раководени од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но и со некои под локална власт на СДСМ и ДУИ.