Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Поради појава на магла, намалена видливост од 80 до 100 метри има на планинскиот премин Стража, а на патниот правец село Лисец – Попова Шапка од 20 до 25 метри, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.