Магазинот „Форин Полиси“: ВМРО-ДПМНЕ профитираше од скандалите поврзани со СДСМ

by Fokus

Доколку Балканот има успешна приказна, тоа веројатно е Македонија. Во 90-тите години на минатиот, земјата мирно се раздружи од Југославија. Во јуни 2018 година нејзиниот премиер Зоран Заев потпиша историски договор со соседна Грција за решавање на долгогодишниот спор за името Македонија. Ребрендираната „Северна Македонија“ беше наградена за тоа. Влезе во НАТО како 30-та членка на организацијата, сега е на почеток на преговорите за членство во Европската унија, а поддршката од западните институции е голема, наведува магазинот „Форин Полиси“ во анализа посветена на изборите во земјава.

Магазинот наведува дека СДСМ на Заев освои најмногу гласови на изборите, што се одржаа во услови на раст на бројот на заболени од Ковид-19 во целиот регион, освојувајќи две пратенички места повеќе од главниот ривал, десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ и има голема шанса да ја предводи следната влада.

– Ова е добрата вест и за ЕУ ​​и за САД. Сепак од поблиска перцепција, успешната приказна на Северна Македонија и не толку убедлива. Но, ако ништо друго, изборите фрлија светло врз реалните предизвици со кои се соочува земјата, се додава во анализата.

„Форин полиси“ оценува дека на овие избори дошле до израз популистичките националистички пораки упатени до гласачите.

– Поддржана од унгарскиот премиер Виктор Орбан, самопрогласениот водач на „нелибералната демократија“ во Европа, ВМРО-ДПМНЕ ја заврши трката заостанувајќи малку зад победникот. Една од главните теми на партијата во кампањата беше незадоволството од Договорот со Грција. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и неговите приврзаници избегнуваа да го користат името „Северна Македонија“ за време на кампањата и ќе продолжат да го прават тоа и во опозиција. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ не отстапува ни кога станува збор за напорите за решавање на долготрајните спорови со членката на ЕУ, Бугарија, која врши притисок врз Скопје за отстапки во однос на она што двете страни сега го нарекуваат „заедничка историја“, вклучувајќи го и наследството на историските личности кои во двете држави се слават како национални херои, додава американскиот политички магазин.

Сепак, според „Форин Полиси“, популистичкиот национализам на овие избори не беше својствен само за десницата, посочувајќи дека левичарската партија Левица успеа да освои над четири проценти од гласовите и две пратенички места со „ветување дека ќе го раскине договорот со Грција, ќе ја повлече земјата од НАТО, па дури и дека ќе го поништи признавањето на соседно Косово“.

– Корупцијата, исто така, предизвикува сериозна загриженост. ВМРО-ДПМНЕ профитираше од скандалите поврзани со Социјалдемократскиот сојуз, вклучително и од случајот за корупција во кој беше вмешана специјалната обвинителка Катица Јанева, која беше назначена за испитување на злоупотребите на високи функционери, наведува магазинот.

Поврзани новости