Од искуствата учиме. Од стекнатите сознанија во животот се гради иднината. Тоа што е видено, доживеано, почувствувано, научено во минатото, станува мерило за да се справиме со она што ќе нѐ пресретне во иднината. Споредувањето на нештата што изминале, со тие што ги доживуваме денес, ни ги гради критериумите за она што треба да го правиме.
Има луѓе кои тешко прифаќаат нови работи и уште потешко се прилагодуваат, но има и такви на кои секоја нова работа им е предизвик. А има и такви кои се добро платени за „љубовта“ кон татковината, и еве нѐ штитат дома од злиот свет, како врачевите своите племиња. Тоа се нашите медиумски „ѕвезди“. Тие го креираат нашето јавно мислење, го држат стапот од власта и денес го претставуваат врховниот, но плиток и заробен ум на нашево општеството.
МЕДИУМСКИ ВРАЧЕВИ
Држењето чекор со светот, во секоја смисла, во изминатите две децении кај нас се забавува. Но, ова време што тие ни го создадоа и го смислија, нѐ носи во небиднина. Благодарение на нашиве „ѕвезди“ водилки – се враќаме со огромна брзина назад. Одамна сме ги напуштиле сите јасни, логични и исправни патишта. Сме ги замениле со комплицирани, нелогични и криви патеки – по кои само магариња можат да се пентарат.
Затоа во јавноста доминира потсмевот кон сѐ што не е „магарешки“ настроено. Да се збревта и рика само по овие домашни зададени и задолжителни патеки е начинот да се преживее овде. Ако не те збодинаат и не рикаш, ти не си дел од нашава реалност, креирана од умот на нашите медиумски врачеви!
А тие велат – ние сме центарот на светот и околу нас сѐ се врти. Ние напредуваме, цветаме и се движиме со полна пареа напред, ни велат. Всушност, според врачевите, сите сакале да бидат како нас, и затоа ние, по секоја цена, ќе се бориме да ја сочуваме нашата автентичност, па ако треба и сите до еден да пцовисаме.
Но, овој магарешки светоглед не претставува проблем за голем дел од народот и за нашава интелектуалната „елита“. Нив бргу ги зафаќа магарешка мимикрија и се прилагодуваат кон овие апсурдни, квазинаучни мисловни конструкции и дури наоѓаат и измислуваат свои нови „магарешки патеки“.
Не би ме изненадило ако некој од нашиве племенски врачеви излезе со ново „откритие“ за да ја побие и Ајнштајновата теорија на релативитет или да нѐ поучува дека кај нас се родил и универзумот. Затоа што нашава изолираност, неедуцираност, суеверност, самобендисаност и ароганција се фатени рака под рака со еден здивен национализам и квазипатриотизам. Па, ако треба ќе докажуваме дека и Дарвин бил во грешка, што ете ние дури сега го дознаваме благодарение на нашите магарешки врачеви.
ПАЃАМЕ ВО БЕЗДНА
Колку повеќе наши, „новооткриени“ теории, закони и истории ги побиваат досегашните светски сознанија и достигања, толку повеќе ние, Македонците добиваме на значење, ама само тука, дома, во нашево село. Зашто наша крајна стратешка цел (според нив) е да го зезнеме светот и да бидеме најспремни кога ќе дојде новата ката – „клизма“, од која само ние ќе излеземе „прочистени“ и вечни.
И да сакам, не можам да ја избегнам циничноста и негативноста кон нашава реалност, што го ништи и преостанатиот слободен дух во многумина од нас. Секојдневно гледам луѓе што се мачат и страдаат во магарешки кожи, без да знаат дека се жртви на една рака врач-мафиози, гилиптери, сопственици на нашиве стрмни и непроодни беспаќа во една педа земја.
Паѓаме во бездна од која можеби ќе нема излегување. А веројатно, ужасниот крај – место ужасот без крај, и не е преголема новост за овие простори. Луѓето што ова го препознаваат се оние чие искуство е слично на моето. Тие што научиле дека правите патишта најчесто се мачни, тешки и долги, и нив магарињата најчесто ги избегнуваат. Такви луѓе кај нас, за жал, има сѐ помалку и нивните гласови се редовно заглушени од магарешкото рикање.
Изгледа дека ние како општество не сме научиле ништо од нашето историско искуство, штом една дузина врачови нѐ научија дека постоењето треба да ни биде заснованo на мразење, крадење, снаоѓање и млатење празна слама за нашата умислена големина – од магарешки инает! И затоа ги игнорираме тие што укажуваат на оваа „тешка несреќа што нѐ збра“ зашто така ни е полесно. И затоа „магариња ќе ни ги газат полињата ни сега – а да ги брани (ќе) нема кој“!