Со традиционалното закројување на виновата лоза, кое се случува секоја година на 14-ти февруари, на верскиот празник Свети Трифун, лозарите во Тиквешијата го означија почетокот на работата на лозјата, во надеж дека ќе имаат богат род.
Во овој период од годината, веќе е завршено подврзувањето на лозата, а во тек е и лачењето, односно поткршување на виновата лоза.
Се надеваат дека поради благата зима, пролетните дождови и сончевите денови кои доаѓаат, ќе се овозможи добро развивање на грозјето.
Ако и во периодот на зреењето на грозјето останат поволните климатски услови, оптимисти се дека ќе имаат добар род на есен. И покрај вонредната состојба поради корона вирусот, раздвиженоста на тракторите е забележителна во Тиквешијата.
Голем број на лозари имаат дозволи за движење, со цел непречено да ги извршуваат лозарските работи и за време на полицискиот час. Изминативе години, делумно поради суша, студ, болести или пак зачестени врнежи на дожд, лозарите не можеа да се пофалат со богата реколта.
Според податоците од Балканската винска мрежа, во нашата земја се произведуваат околу 120.000 до 150.000 тони грозје годишно, но кавадарчани се сеќаваат дека во минатото имале рекордна берба, кога само од тамошниот регион биле набрани повеќе од 100.000 милиони килограми винско и трпезно грозје.
За бербата од 1980 година, како една од најбериќетните, на која се сеќаваат кавадаречките лозари, потсетува и историчарот Петре Камчев. Годината останала запаметена како една од најродните во кавадаречко, но многумина ја паметат и немилата случка со магарето натоварено со кошеви полни со грозје, кое се удавило во градскиот базен, во кој се истурало грозјето кое не можеле да го соберат винарските визби, поради обилниот род.
-Лозарите од кавадаречко ќе ја сонуваат оваа слика од гроздоберот во Кавадарци во 1980 година кога само винарската визба Тиквеш собра 75 милиони килограми грозје, а во кавадаречко беа набрани повеќе од 100 милиони килограми винско и трпезно грозје. За да се собере целото грозје беа полни двата градски базени во Градскиот парк и кај спортската сала ,,Јасмин“, како и неколку цистерни во ФЕНИ индустри. Во базенот кај салата ,,Јасмин“ пропадна во комињето едно магаре натоварено со кошеви грозје и кутрото не преживеа – потсети на својот профил историчарот Камчев, споделувајќи ја фотографијата од настанот, која ја направил Бранко Ивановски во 1980 година.
Годинава лозарите очекуваат добра берба, ако се задржат поволните климатски услови, а Тиквешијата и Повардарието имаат најповолни услови за одгледување на грозје. Според Државниот завод за статистика 48,6 проценти од производството на грозје спаѓа во овој регион, каде има 11.230 лозови насади. Исто така, според статистиката, македонскиот граѓанин годишно пиел по 1,9 литри вино.
Вики Клинчарова