Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, чии легитимитет е доведен во прашање по одлуката на повеќе земји да го признаат спикерот на Националното собрание, Хуан Гуаидо за привремен шеф на државата, денеска и нареди на армијата да не дзоволи влез во земјата на хуманитарна помош од странство.
Мадуро оцени дека во Венецуела „нема хумaнитарна криза“ и дека испраќањето „помош спонзорирана од САД“ претставува обид да се направи „евтино шоу и да се оправда државниот преврат“ во Венецуела.
Поради одлуката на Мадуро, камионите што превезуваат храна, лекови и друга помош, стојат блокирани на границата меѓу Колумбија и Венецуела, кај колумбискиот град Кукута.
Според Мадуро, најдобро би било таа хуманитрана помош „да им се подели на сиромашните колумбиски граѓани“.
– Ако сакате да помогнете, ослободете ги парите на нашата земја што ги блокиравте. Ги украдовте парите, сега ни нудите тоалет хартија, изјави Мадуро на прес-конференција во Каракас.
Американскиот Стејт Департмент, кој ја обезбеди хуманитраната помош за Венецуела, во меѓувреме, ги повика венецуелските безбедносни сили да им дозволат на камионите да влезат во земјата.