Мадона е отпуштена од болница и е дома и се чувствува подобро по престојот на интензивна нега, пишува Би-Би-Си.
Веста за нејзиното лошо здравје ја сподели нејзиниот менаџер, кој рече дека таа претрпела „сериозна бактериска инфекција“.
Пејачката која има 64 години, требаше да почне седуммесечна светска турнеја во наредните недели, но мораше да ја одложи.
Таа беше однесена во нејзиниот дом во Њујорк со приватно амбулантно возило, објави Си-Ен-Ен.
Мадона, која е многу затворена за здравствените прашања, беше во последната фаза од пробите пред нејзината обемна светска турнеја.
Турнејата Celebration требаше да започне во Канада за две недели, пред да посети 45 градови низ светот.
Тоа требаше да биде нејзината 12-та турнеја, по повод 40-годишното учество во музичката индустрија.
Американскиот магазин Форбс ја наведува како 45-та најбогата жена во САД со проценето богатство од 580 милиони долари или 460 милиони фунти и вели дека заработила околу 1,2 милијарди долари од турнеи.
Пејачката доби илјадници пораки за поддршка на интернет откако менаџерот Гај Осеари вчера даде изјава за нејзиното здравје.
Деталите за тоа дали турнејата сè уште ќе продолжи, допрва ќе бидат објавени, а Осеари рече:
„Во овој момент треба да ги паузираме сите обврски, што ја вклучува турнејата. Ќе споделиме повеќе детали со вас веднаш штом ги имаме, вклучително и нов датум за почеток на турнејата и за презакажаните претстави. Очекувам таа да закрепне целосно“.