Десетици Перуанци се повредени во антивладините демонстрации низ државата, а затворен е и археолошкиот локалитет Мачу Пикчу каде се заглавени стотици туристи, пренесува Би-Би-Си. Според објаснувањето на Владата, туристичката атракција е затворена од безбедносни причини, а според неофицијалните информации заглавени се околу 400 лица, претежно туристи.
Тензиите во главниот град Лима се разгореа вчера кога полицајците употребија солзавец кон демонстрантите кои фрлаа стаклени шишиња и камења, додека гореа пожари на улиците во градот. „Гардијан“ пренесе дека во јужниот регион Пуно, околу 1.500 демонстранти нападнаа полициска станица, а запалена била и полициска станица во Зепита.
Протестите почнаа во декември минатата година откако претседателот Педро Кастиљо кој беше соборен, се обиде да го распушти законодавниот дом за да спречи гласање за импичмент.