Мачорот Лери го испрати и Борис Џонсон

by fokus

Мачорот Лери, чија официјална титула е „Главен глувчеловец во Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, ја надгледува работата на британските лидери повеќе од десетлетие. За тоа време, тој испрати тројца премиери од „Даунинг стрит“ број 10, а тукушто ја пречека и новата „станарка“ – Лиз Трас.

По Дејвид Камерон и Тереза ​​Меј, си замина и Борис Џонсон… По тој повод, луѓето што ја уредуваат официјалната Твитер-страница на Лери, запишаа дека е „време да се расчистат неколку работи“…

„1. Јас не сум ‘мачката на Борис Џонсон’; 2. Како и сите премиери, и тој беше само привремен жител на ‘Даунинг стрит’; 3. Јас постојано живеам овде. Кога тој конечно ќе си отиде, јас останувам;. 4. Да, тоа е многу засрамувачки, но наскоро и ова ќе заврши“, „објави“ Лери на Твитер.

Тој беше донесен во седиштето на британската влада од некогашниот премиер Камерон, кој го вдоми во 2011 година, од домот за мачки и кучиња „Батерси“. Минатата година се најавуваше „пензионирање“ на мачето и негово повлекување на село, но ете – тој го испрати и Борис Џонсон.

Околу 650.000 луѓе го следат Лери на Твитер, што е двојно повеќе од новата премиерка во мигов. Трас е свесна за тоа.

– Бев една од неговите омилени министерки… Се надевам дека ќе го надоградам тоа пријателство, изјави таа неодамна.

Мачорот Лери сега има 15 години и се чини, сѐ уште е во добра форма. За две години се одржуваат редовните парламентарни избори, па тогаш можеби во „неговата куќа“, при неговиот „мандат“ ќе пристигне и петтиот премиер на Обединетото Кралство.

Поврзани новости