Коскарова во „Бизнис-клуб“:„Потписот и печатот на Стопанската комора имаат големо значење и на американското тло“

by Fokus

Во новата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“, во разговорот на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески со м-р Аријана Коскарова, претставник на Стопанската комора во Мајами, се изнесуваат факти за значењето и за реномето што го има Стопанската комора во САД преку добивањето виза за нејзиниот престој во Америка врз основа на препораката од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија и за посетата на Стопанската комора како најстара и најмоќна бизнис-организација во Македонија од директорот на магазинот „Форбс“.

„Кога аплицирав за виза за некој со извонредни способности, која Америка ја дава на 0,00005 % од луѓето во светот, еден од потписниците за препораката бевте и Вие, поради нашата соработка која ја имавме за Балканскиот самит, кој го организиравме во 2019 година, така што можам да кажам дека благодарение на Вас мојот пат и успех во Америка започнаа токму со тоа“, истакна м-р Аријана Коскарова.

Во подкастот се отвори прашањето за лобирањето и е направена паралела на процесот на лобирање во Македонија и во САД. Лобирањето во САД е вообичаена и сосема легитимна работа, која е уредена со закон, а лицето кое лобира за добивање тендер се наведува во тендерот, бидејќи тоа му е легална работа за која наплаќа уште на почетокот на тендерот. Тоа е еден од начините како се спречува корупцијата во САД. Во Македонија, иако постои Законот за лобирање, кој беше донесен во јуни 2021 година за да се спречат нелегитимното влијание врз јавните политики и процеси и можните коруптивни ефекти, до денес тој не е заживеан во праксата.

„ Кога аплицираш на тендер ти наведуваш кој ти е лобистот во тендерот и во самата апликација“, изјави м-р Коскарова.

М-р Аријана Коскарова е организатор на еден од позначајните бизнис-настани, Балканскиот претприемачки самит, во 2019 година, во соработка со Стопанската комора. Одржувањето на вториот самит е планирано за 2025 година, а целта, според Коскарова, е освојување на американските пазари преку поврзување на македонските и американските компании. За остварување на оваа цел потребно е да се најдат вистинските луѓе кои ќе можат да ги насочат македонските компании како да го направат тоа, а еден од нив е и директорот за економски развој, кој го има тимот кој може да ги насочи.

„Целта ми е да направиме самит за поврзување македонски и американски компании и да се отвори можност за македонските компании да работат во Америка. Го имам знаењето и ги имам луѓето кои можам да ги доведам и да ги насочам македонските компании да работат на американскиот пазар“, вели м-р Коскарова.

Поврзани новости