Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Македонска навигација станала како семејна фирма, во која до трето колено има вработени.
-За М-НАВ треба посериозно да се позанимаваат, не само Владата, туку и Еуроконтрол, нивното финансирање е од таму. Треба да се интервенира. Таа е станата како семејна фирма, ако погледнете ќе видите дека до трето колено има вработени. Тие станале како семејство во кое што имаат конфликти кои обично се случуваат по дома. Треба да се испитаат начините на кои се прават конкурсите. Да не се случи некој кандидат да добива готови тестови, истакна премиерот.
Во врска со изборот на нови директори во М-НАВ, Ковачевски рече дека било сосема професионално и исправно.
„Имаше повеќе кандидати кои беа разгледувани“, рече тој и дополни дека за двајцата предложени директори, била донесена добра одлука и дека имаат долгодишно искуство.
За претходниот предлог Илир Мехмеди, премиерот рече дека ако се погледне неговото CV, ќе се види дека станува збор за искусен човек кој управувал со такви институции.
-Бидејќи се случиле промени на Статутот пред четири години, во делот на М-НАВ и велат дека генерален директор мора да биде контролор, затоа се разгледуваа и други кандидати. По консултации со стручната фела, беше предложен нов кандидат со 25-годишно искуство, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање.