Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје денеска одлучи да го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и да даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Го задолжи претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.
Од М-НАВ во соопштение истакнуваат дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти“.
-Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на ден 10.11.2022 година, – Извештај со резултати од тестирањата со FEAST тестот во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на GATE Aviation Training ApS, Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, објавен на 28.07.2022 година , Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката, стои во соопштението од М-НАВ.
Изразуваат, како што велат, длабоко жалење што поради некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста, се создаде погрешна слика за процесот околу огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање.
-Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку преземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи. Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со единствена цел, избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ АД Скопје. Сето ова беше во рамки на строгите меѓународни и национални норми и временските рокови согласно акционен план на М-НАВ АД Скопје, велат од М-НАВ.
Дополнуваат дека како и досега, така и во иднина ќе продолжат со професионално вршење на својата дејност.
– Никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво, потенцираат од М-НАВ.