Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков изјави дека склучениот договор од страна на Министерството за култура и Град Скопје за Универзалната сала има контрадикторни одредби, не е заверен на нотар, не содржи кои права и обврски се предаваат и што всушност се предава.
Тој најави дека Универзална сала ќе биде готова до 2028 година и дека ќе биде изградена на законски и легален начин.
„Универзална сала е преземена од Град Скопје во Министерството за култура и туризам на незаконски начин, во постапка која е проблематична, со прекршувања на повеќе закони. Договорот и решението за реконструкција од 22 март годинава издадено од општина Центар, не се запишани во Катастарот на недвижности. На Министерството за култура не му биле пренесени во целост правата и обврските согласно закон, за втора фаза од реконструкцијата“, рече Љутков.
Додаде дека целата документација е предадена на Основното јавно обвинителство и се надева оти истражните органи ќе постапат согласно нивните надлежности.