Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета на археолошкиот локалитет „Градиште – Билазора“ кој се наоѓа кај селото Кнежје, Светиниколско, истакна дека еден од најголемите и најзначајни раноантички градови во внатрешноста на Балканот има големо културно и научно значење и неискористен потенцијал за развивање културен туризам и затоа во наредниот период Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка за „Билазора“ да го добие местото што го заслужува.
– Археолошкиот локалитет „Билазора“ е еден од неколкуте најзначајни бисери на македонската археолошка мапа, затоа сакам да потсетам дека од 2008 до 2017 година овде се вршеа континуирани арехолошки истражувања, кои извесен период беа во категоријата капитални проекти како што прилега на еден локалитет каков што е „Билазора“, најголемиот град на Пајонците, еден од најстарите и најразвиени балкански народи – потенцираше Љутков, најавувајќи дека овие многу значајни истражувања ќе бидат довршени со поддршка од Министерството за култура и туризам, со што овој локалитет со огромни културни, научни и туристички потенцијали конечно ќе се стави во вистинска функција.
– Со реализирањето на последната фаза од истражувањата на кралската палата со конзервацијата на откриените архитектонски остатоци на локалитетот ќе се отворат вратите за целосно афирмирање на „Билазора“ како еден од најзначајните археолошки, културни и туристички пунктови од раната антика на Балканот – истакна министерот Љутков.