Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја обвини поранешната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска за злоупотреби, не само во делот на трошењето на народните пари и на службената картичка, туку и за незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции.
Тој најави дека ќе излезе на посебна прес-конференција на која ќе отвори многу работи од делот на нејзиното работење. Љутков нагласи дека откако дошол на функцијата министер за култура и туризам формирал повеќе работни групи во Министерството кои ќе треба да го информираат за тоа како се работело во изминатите 2,5 години и каква е состојбата.
„Како министер за култура и туризам кога стапувам на функцијата барам отчетност за тоа што се работело во претходните 2, 3 години. Јас побарав отчетоност за претходните 2,5 години додека била таа министер бидејќи преземам функција и сакам да знам каква е состојбата. Имам направено многу работни групи кои работат на многу процеси. Работните групи полека ги испитуваат сите случаи, како и тој со трошењето од службената картичка. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Со тие луѓе со кои соработувала министерката тие се потпишани на извештајот и се дел од работната група“, рече Љутков.
На прашањето дали се предвидени покачувања на платите кај културните работници, бидејќи ексминистерката велеше дека тие примаат плата врз основа на два колективни договори, Љутков рече дека тие средства, кои се некаде околу 250 милиони денари, не биле предвидени.
„Дали биле сигурни дека нема да бидат повеќе власт па го креирале буџетот до јули или е тоа не знаење. Ние се соочивме со ваков проблем. Доаѓа ребалансот на буџетот нас ни фалат 248 милиони денари само за плати за до крајот на годината. Морав да обезбедам од владата дополнителни средства некаде околу 7-8 милиони денари за само да ги покриеме загубите. Наместо со тие 7-8 милиони до крајот на годината да сечевме лента на новиот турски театар“, рече министерот.