Љупчо Коцарев по стапките на Добрица Ќосиќ!

by Fokus

Првиот човек на МАНУ нескромно си се замислува дека е новиот Крсте Петков Мисирков, па посакал зад себе да ни остави ново „епохално дело“ – „За македонските работи“. Тој си е во свој свет. Добро би било таму и да си остане, да не нè труе со национализам како што Добрица Ќосиќ, претседателот на САНУ, своевремено го подбуцнуваше српскиот народ

Пишува Ана ПАНОВСКА

Еве поминаа цели четири години од Преспанскиот договор, со кој, демек, сами сме си потпишале губење на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и на македонската посебност. Овој кошмар што се произведува, што свесно се одржува и се надградува од некои центри, просто ги збрка луѓето.

Логиката дека не е можно да го загубиме она што еднаш веќе сме го „загубиле“, не работи кај нашиве мислители безумни, кои и натаму како клукајдрвци клукаат во македонското дрво на животот, вообразувајќи си дека се ластовички што го градат гнездото македонско.

Еве, на пример, првиот човек на МАНУ нескромно и, пред сè нелично, си се замислува дека е новиот Крсте Петков Мисирков, па посакал зад себе да ни остави ново „епохално дело“ – „За македонските работи“.

Веднаш да кажам дека неговата книга ја немам прочитано, не дека ме мрзело да читам (читам сè што ќе ми дојде при рака), туку едноставно има некои писанија, кои уште од насловната корица ми кажуваат што има внатре, нешто од типот: „сакам кажам, не знам речам“.

НИЕ СЕКОГАШ ДОЦНИМЕ

Нешто слично како последната колумна, во која академикот Љупчо Коцарев бара да се поништат Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, што не значи ништо друго, туку: излез од НАТО и прекин на преговорите со ЕУ. Дотука ми се јасни неговите „секирации“, неговото „оф“ по мајка Македонија.

И јас, како некое заталкано чедо македонско, ѝ го берам гајлето на оваа наша Македонија. Значи, сите се секираме и тука остануваме!!! Закопани во место, и тоа во еден полужив песок во кој бавно пропаѓаме.

Е, за среќа, повеќето луѓе во оваа земја се просечно обмислени и не се толку длабокоумни како врвните наши академици и академички, па претаат со нозете со очи вперени во далечината, не во далечното минато, туку во иднината, обидувајќи се да ја согледаат спасоносната визија за опстанокот на Македонија сосе нив во неа.

Сум пишувала во неколку наврати за МАНУ, за она МАНУ од независна Македонија, па наваму, друштвото што себеси се доживува како „Министерство за вистината“ од Орвел. Интересно е што и Коцарев го посочува овој цитат како поткрепа на неговите ставови и згрешил, претпоставувам дека не го разбрал делото на Орвел или дека заслепен од важноста и претставата за сопствената величина, не гледа ништо околу себе. Не ги гледа Алфа, Сител, Канал 5, не чита Плусинфо, Курир, Република, Еспрес.мк…

Тој си е во свој свет. Добро би било таму и да си остане, да не нè труе со национализам како што своевремено Добрица Ќосиќ, претседателот на САНУ, го подбуцнуваше српскиот народ да се осили, па Србија, не само што изгуби добар дел од својата територија, туку малку недостасуваше и Белград да го изгуби. Добро, Србите тоа го поминаа пред речиси четврт век и мудро го надминуваат. Ние како и секогаш доцниме.

НЕЧЕСНА БОРБА ЗА ВЛАСТ

И нашето народноослободително востание од 1941 година беше последно во низата востанија на другите прогресивни сили во окупирана Југославија што се кренаа против фашизмот. А, зошто? Просто! Зашто и тогаш имало некој Шаторов, па некој Ченто… што се шантрале, немале визија каде оди светов, кој пат да го фати Македонија и што е најдобро за нас, Македонците.

Така е и сега. Овој ист народ што денес се бори да го пробие патот во ЕУ, зар ќе даде, откако создал своја држава, денес некој да ја втурне земјава во неизвесна авантура, па нека се тоа дури и претседателот на МАНУ и неколку академици, без да имаат поим што предлагаат и каков е патот по кој треба да одиме натаму ако тргнеме по нивниот ум. Јасно нека кажат, нека опишат со свои зборови како би изгледал тој пат.

Само, молам, добро да обмислат и веќе да не им се случуваат лупинзи како овој со кој се бара поништување на Преспанскиот договор и на Договорот со Бугарија, а, како што се затрчани, ќе побараат да се укине и Рамковниот договор.

Додуша, не е првпат научници од МАНУ нешто да оплескаат, како што беше енциклопедијата што самите си ја повлекоа под притисок на јавноста или онаа небулозна идеја за размена на територии, чија мапа имав чест лично да ја видам и од која ме фркна глава зјапајќи да видам каде ќе припадне моето Маврово.

Сега не сум воопшто втрештена. Сега сфаќам дека тоа ти е обична, нечесна борба за власт со недозволено средство, слично како онаа гнасна измислица на Коцарев за наводното укинување на катедрата за македонски јазик!!! Јаз’к!

Поврзани новости