Човекот се плаши за својот живот само ако нема нешто повредно за губење. Болката за изгубеното дете ти го убива стравот. Што пострашно може да ти се случи? Смртта на најмилото ти ја одзема желбата за живот. Се плашиш само за други, но не за себе- тоа се зборовите на Срѓан Ивановиќ, од неговата рецензија за новото дело на авторката Милена Лунеска, нејзиниот четврти роман ,,Добро утро, љубов!” чие прво издание за неполн месец по промоцијата, веќе е речиси распродадено.
Лунеска е позната на јавноста по своите романи „Исчистени души“, „Два часа“, и „Ќерката на премиерот”, а редовно пишува и објавува и поезија.
Родена е во Кичево, раководител е на семејна фирма, дипломиран економист.
За ,,Фокус” вели дека ,,Добро утро, љубов!” е во издание на релативно новата издавачка куќа ,,Збор” и сака читателската публика во земјава да се запознае подобро со истата и со квалитетните дела кое се под нејзина закрила.
-Покрај проза, јас пишувам и поезија, и темите ми се необични, од секојдневието, од животот… Мојата цел е книгата вистински да се прочита, а и да се разбере тоа што е напишано. Сакам на поедноставен начин читателите да разберат што се случувало, што се кажало, што било… Пред себе да имаат филмски приказ. Да скратам, сакам да ја доживеат приказната-појаснува авторката за своите дела кои имаат одлична продажба.
Инаку, Милена е мајка на Филип и Андреј, успешни и докажани млади луѓе со завидна кариера за кои пишувавме и во минатото. Минатата година Филип беше именуван за директор за стратегија и процеси во познатата компанија AB InBev во Њујорк. Андреј пак, живее во Белград и успешно раководи со позната софтверска компанија. За професионалните достигнувања на младите браќа кои од малото Кичево успеаа да направат успешни кариери во странство, се пишуваше и во многу светски медиуми.
-Основата е од домот, семејството… Образованието те издигнува, те збогатува со знаење, а животот те учи како да пстанеш во светот. Од сето тоа, изборот за кои вредности се определуваш и се бориш, е личен. Самодовербата е најважна, вели Лунеска, потенцирајќи дека ништо не се добива на тацна и патот до успехот не е лесен.
Ја пренесува пораката на новиот роман, за која верува дека ќе допре до многумина – Правете добри и убави дела, и со добро и убаво ќе ви биде вратено!
Вики Клинчарова