Најбогата министерка во владата на Мицкоски: Луксузни станови, куќи и фирми во Шпанија, Чешка, Португалија, Србија…

by Fokus

Со промената на секоја власт и селењето на Илинденска почнува менувањето на кадрите во сите ешалони, а тоа доведува до „мерење и премерување“ и на богатството на новите министри, заменик-министри, пратеници, директори…

Само 30 дена е рокот за поднесување на анкетните листови на сите функционери до Комисијата за спречување корупција, откако ќе ги запоседнат фотелјите.

Според досегашната пракса, низ годините се прават доста манипулации со пријавувањето на имотот на функционерите, со оглед на тоа што се случуваше некои од нив да не пријават ниту живеалиште  на нивно лично име, но ни на име на сопругата или сопругот, ниту, пак, на родителите. Исто како да не живеат никаде.

Други, пак, не ги пријавуваа фирмите што ги поседуваат, кои претставуваат дополнителна заработка, а со кои најчесто раководат членовите на нивното најблиско семејство.

Тоа што е специфично за повеќето од функционерите е што, иако сите знаат со колкаво богатство располагаат, сепак во Антикорупциска комисија пријавуваат скромни анкетни листови со по некое станче од 40-50 квадратни метри, по една нива, автомобил…

Факт е дека за да ја добијат довербата кај народот, првичната цел им е да покажат колку се скромни и да се поистоветуваат со обичните смртници. Но, милионите доаѓаат подоцна или, пак, завршуваат во банки во непознати странски дестинации.

Ретко, но, сепак, има и анкетни листови на јавни функционери, кои тресат од луксуз, а кои располагаат со недвижен имот од кој боли глава.

„Фокус“ направи анализа на дел од анкетните листови на новите функционери, па време е да им го „измериме“ богатството и да видиме дали може да се номинираат на листата во „скромните“ или, пак, во богатите.

Луксузни станови, куќи, градежно земјиште, уметнички слики, имот во странство, накит, злато, штедни книшки, криптовалути, но и кредити имаат дел од новите функционери, кои пред некој месец до Антикорупциска комисија на тацна го ставија сето она што располагаат.

Дали е тоа баш сѐ, ќе покаже времето, но како и да е, од тоа што може да се види – убаво успеале да спечалат низ годините.

Најбогата во новата влада, според она што е пријавено во имотниот лист е Сања Божиновска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, која тежи повеќе од еден милион евра и тоа во станови во Македонија и во странство.

Таа поседува два стана во Центар, едниот со површина од 87 квадратни метри, а другиот од 60 квадратни метри. Поголемиот стан вреди 80.000 евра, а помалиот 60.000 евра.

Поседува и четири стана во странство, од кои два во Шпанија, еден во Португалија и еден во Србија. Едниот стан во Шпанија вреди 335.000 евра, а другиот 225.000 евра. Станот во Португалија е проценет на 162.000 евра, а станот во Србија 157.476 евра.

Тоа што е интересно за нејзиниот анкетен лист е што од банкарски сметки и депозити во земјата пријавила само плата и заштеда, но со оглед на тоа што располага со огромен имот во странство, само во Чешка пријавила плати и бонуси, додека во Португалија и Шпанија закупнина.

Сепак, никаде не се наведени сумите, не само во нејзиниот анкетен лист, туку и на сите други функционери. Божиновска, исто така, поседува и фирма во Чешка.

Неколку дена само што седна на фотелјата во новоформираното министерство „пукна скандал“ дека таа поседува бугарско државјанство, а додека пред неколку дена, бугарскиот „Бгнес“ објави дека и целото нејзино семејство поседуваат бугарски пасоши.

Ирена МУЛАЧКА

Поврзани новости