Лукашенко за состојбата во Казахстан: Сакаат Русија да се удави во крв

by Fokus
Повеќе од 70 авиони Ил-76 и пет авиони Ан-124 префрлаат единици на рускиот контингент во Казахстан во рамките на силите на Организацијата за договорот за колективна безбедност (ОДКБ), изјави претставникот на Министерството за одбрана на Русија, генерал-мајор Игор Конашенков.

-Воздушната група формирана од Министерството за одбрана на Русија 24 часа на ден префрла единици на рускиот контингент од мировните сили на ОДКБ во Казахстан“, изјави Конашенков, а пренесува РИА Новости.

 

Во исто време, Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските мировни сили им помогнале на безбедносните сили на Казахстан да преземат целосна контрола над аеродромот во најголемиот град Алмати.

Претходно беше најавено дека руските мировници ќе ги чуваат владините згради и ќе ѝ помагаат на казахстанската армија да го одржува редот.

Аеродромот беше окупиран од група демонстранти пред два дена, но репортер на „Ројтерс“ од местото на настанот информира дека тие биле потиснати од казахстанските сили.

Казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токаев денеска соопшти дека мировни сили од Русија и соседните земји се дојдени во Казахстан привремено и на негово барање со цел да се обезбеди мирот.

Вакво насилство е невидено во земјата со која од советско време цврсто владее лидерот Нурсултан Назарбаев, чии политики продолжија и покрај тоа што се повлече од претседателската функција пред три години, со Токаев како негов наследник, кој има поддршка од официјална Москва.

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој важи за близок соработник на Владимир Путин, смета дека ситуацијата во Казахстан е обид за напад на постсоветските земји кои граничат со Русија, со цел, како што кажа, „Русија да се удави во крв“.

„Потребно им е да ја удават Русија во крв. Уште еднаш повторувам: ако Русија пропадне, нема ни да забележиме каде ќе завршиме. Едноставно ќе нè прегазат. Како што велам – ќе нè сомелат како воденички камења и ќе нè исплукаат “, ја коментираше Лукашенко состојбата во Казахстан.

Поврзани новости