Авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко предложи измени на Уставот со кои си обезбедува правен имунитет од какво било потенцијално гонење и редистрибуција на моќта на националното Собрание. 67 годишниот Лукашенко денеска изјави дека уставните промени ќе бидат изгласани на референдум во февруари 2022 година.
До ваквиот предлог на Лукашенко доаѓа по домашните и меѓународните реакции поради насилното задушување на протестите на опозицијата по спорните претседателски избори во август 2020 година за кои тој тврди дека победил. Неговите политички противници бараат нови претседателски избори.
Со уставните амандманите се забранува на секој кој привремено ја напуштил земјата во последните 20 години да може да се кандидира за претседател, промена која се чини дека е директно насочена кон членовите на опозицијата, од кои многумина беа принудени да избегаат за да избегнат политички прогон.
Со уставните измени се зајакнува улогата на Собранието кое ќе може да ја одобри надворешната и економската политика на земјата и ќе има моќ да го отповика претседателот, кој може да има не повеќе од два петгодишни мандати.
Противниците на Лукашенка го нарекоа обидот да се преработи уставот лажна вежба за да му се помогне да се држи до власта.
Лукашенко со новите измени би можел повторно да се кандидира бидејќи ограничувањето од два мандата ќе се применува по нивното донесување.
Лукашенко кој пред да седне на претседателското столче беше директор на државната фарма, ја води Белорусија со железна рака откако победи на претседателските избори во 1994 година, само три години по распадот на Советскиот Сојуз.