Претседателот на Белорусија – Александар Лукашенко денеска потпиша нов закон со кој му се дава доживотен имунитет од кривично гонење и значително ги заострува условите за претседателските кандидати, спречувајќи ги опозициските лидери кои живеат во странство да се кандидираат на идните претседателски избори.
Според новоусвоениот закон, право на учество на претседателските избори имаат само граѓаните на Белорусија кои живеат во земјата најмалку 20 години и никогаш немале дозвола за престој во друга земја.
Дополнително, текстот на законот предвидува дека Лукашенко, доколку ја напушти власта, „не може да одговара за дејствијата направени во врска со извршувањето на неговите претседателски овластувања“, но и дека на претседателот и на членовите на неговото семејство ќе им се обезбеди доживотно државна заштита, медицинска нега, живот и здравствено осигурување.
По повлекувањето од претседателската функција, Лукашенко ќе стане и доживотен член на Горниот дом на парламентот.
Новата мерка, пишува АП, иако теоретски се однесува на секој поранешен претседател и членови на неговото семејство, би можела да биде насочена кон дополнително зајакнување на моќта на Лукашенко, кој владее со Белорусија речиси 30 години, и да ги елиминира потенцијалните предизвикувачи на следните претседателски избори кои треба да се одржат во 2025 година.
Опозицискиот лидер Светлана Тихановскаја, која побегна во соседна Литванија во 2020 година, рече дека новиот закон е одговор на Лукашенко на неговиот „страв од неизбежната иднина“, сугерирајќи дека Лукашенко мора да се грижи што ќе му се случи кога ќе ја напушти власта.
– Лукашенко, кој ги уништи судбините на илјадници Белоруси, ќе биде казнет според меѓународното право и ниеден имунитет нема да го заштити од тоа, тоа е само прашање на време – рече Тихановскаја.