Белорускиот претседател Александар Лукашенко ги обвини денес литванските власти дека фрлале тела на мигранти на границата на двете земји.
Тој предупреди и дека Белорусија цврсто ќе застане зад својот сојузник Русија ако Украинските власти почнат офанзива против бунтовниците на истокот на Украина, поддржани од Москва.
На состанокот со највисоките претставници на белоруската војска, Лукашенко кажал дека граничарите за време на викендот нашле тела на двајца мигранти, оставени на границата.
„Во вреќа за спиење ставаат тело или, веројатно, лице кое сè уште било живо, и го фрлаат на границата. Колку грозно“, истакна Лукашенко.
Литванските граничари ги отфрлија тврдењата на Лукашенко, наведувајќи дека белоруските власти во повеќе наврати се обиделе да исценираат претепување, осакатување или смрт на мигранти, и да ја обвинат Литванија за такво „нехумано однесување“.
Европската Унија го обвинува Лукашенко за „хибриден напад“ врз блокот од 27 земји, односно за поттикнување на мигрантите да преминат од Белорусија во членките на ЕУ Полска и Литванија.
Брисел тврди дека тоа е одмазда на Лукашенко за санкциите кои ЕУ ги воведе поради минатогодишната репресија врз демонстрантите.
Голема група мигранти, главно ирачки Курди, заглавени се од 8 ноември во Белорусија, на граничниот премин со Полска.
Повеќето од тие мигранти избегале од конфликти или сиромаштија во татковината, а сакаат да стигнат до Германија или други западноевропски земји.