Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска се закани дека ќе го запре транзитот на гас во Европа, преку транснационалниот гасовод Јамал-Европа, доколку Европската унија ги прошири санкциите кон Минск.
-Ние ја снабдуваме Европа со греење, а тие се закануваат со затворање на границата. А што ако го исклучиме природниот гас овде? Затоа би им препорачал на лидерите на Полска, Литванија и другите празноглави поединци да размислат пред да зборуваат, рече Лукашенко на владината седница.
ЕУ и НАТО го обвинуваат Лукашенко дека ги користи мигрантите како оружје за притисок врз Западот, испраќајќи луѓе кои бегаат од Блискиот Исток во Минск, а потоа до границите на Полска и балтичките земји.
Брисел најави санкции против Белорусија поради ситуацијата со мигрантите на полско-белоруската граница. Амбасадорите на 27-те земји-членки на ЕУ во средата се согласија дека тоа е „хибридна војна“ на белорускиот претседател Александар Лукашенко и дека постои правна основа за нова рунда санкции.
Белорусија и нејзиниот сојузник Русија ја препишуваат целата вина на Европа. Кремљ ја обвинува дека не се придржува до нејзините хуманитарни идеали и дека се обидува да ја „задави“ Белорусија со затворање на дел од границата. Москва смета дека е неприфатливо ЕУ да воведе нови санкции кон Минск поради таа криза.