Јас сум горда на тоа што ние алармиравме веднаш штом ги откривме небулозните дејствија од страна на даночните обврзници, затоа не можам да дозволам да се кажува дека станува збор за скандал на УЈП, туку станува збор за скандал со незаконско работење на даночни обврзници што се сопственички поврзани и кои ги менаџира едно исто сметководствено биро.
Ова го изјави директорката на УЈП и заменик-претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“, коментирајќи го случајот со малверзации со ДДВ, кој во јавноста го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, со тврдење дека во него се инволвирани високи функционери од власта.
Велејќи дека не сака да и наштети на предистражната постапка што ја води обвинителството, Лукаревска не откри дали со овој случај државниот буџет е оштетен за 20 до 30 милиони евра, како што тврдеше опозицијата.
-Станува збор за неосновано даночно побарување, односно нешто што го попречува функционирањето на законот за данок на додадена вредност, во врска со законот за даночна постапка. Се уште не можеме да ја кажеме точната сума на пари, бидејќи откако го утврдивме овој сомнеж кој го имавме, веднаш ги преземавме сите дејствија кои ни се овозможени како инстутиција – рече Лукаревска.
Таа додаде дека на 21 јули лани го известиле МВР дека имаат вакви сомневања, а потоа во октомври, како што рече, доставиле уште еден допис за да ги наведат сите „поединости и за даночни обврзници и за дејствија кои се преземаат“.
Во однос на прашањето дали овој случај досега можеби требало да биде во истражна постапка со оглед на тоа дека се поминати 10 месеци, Лукаревска вели дека станува збор за комплициран случај и дека таквите се подолги и пообемни за работа.