Лукаревска: Вработувањата во УЈП се според планот и за нив е обезбедена согласност

by Фокус

Сите вработувања се согласно планот и за нив е обезбедена согласност, вели директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, откако Фокус објави дека УЈП месецов објави оглас за вработување на 35 лица на 33 работни места.

Според огласот објавен од страна на надлежната Агенција за администрација, Управата под капата на Министерството за финансии бара виш советник, виш даночен референт, помлад асистент, помлад инспектор, даночен советник, даночен контролор, даночен извршител, помлад програмер, помлад ИТ специјалист.

Според бројот на лица што се вработуваат во државната администрација и јавниот сектор, следува Катастарот на недвижности, од каде периодов објавиле оглас за вработување на 23 извршители на 20 работни позиции – државен советник за финансиски прашања, раководители на одделенијата во Тетово, Гостивар, Кичево и Радовиш, како и помошници-раководители, референти, помлади асистенти…

И од таму велат дека единствена причина поради која огласот е објавен во моментов е тоа што е предвиден во планот за вработување во 2019 година.

Истовремено, меѓу активните огласи за вработување на буџетски товар може да се најдат 4 огласи за вработување на вкупно 18 лица во владиниот генерален секретаријат, при што огласите се објави во период од 12 дена (од 11 декември до денес), додека два од огласите се објавени во еден ден, односно на 20 месецов.

Во однос на прашањето дали овие вработувања се планирани и колку тие се во склоп на принципот за добро владеење, со оглед дека се случуваат непосредно пред да профункционира техничката влада за спроведување на изборите во април, владиниот генерален секретар Драги Рашковски ни изјави: „Сите вработувања се во рамки на предвидениот план за вработување за 2019 година„.

Во меѓувреме, нови луѓе вработуваат и неколку министерства, така што Министерството за културапод контрола на министер од БЕСА вработува 12 луѓе, Mинистерството за локална самоуправауправувано од министер од ЛДП вработува 6 луѓе, Министерството за економија водено од кадар од ДУИ вработува тројца луѓе итн.

Исто така, голем број на огласи објавиле и единиците за локална самоуправа, па така нови луѓе вработуваат Кисела Вода (5), Штип (5), Чашка (3), Битола (3), Македонска Каменица (2), Охрид (1), Радовиш (1), Делчево (2), Гевгелија (1), Аеродром (1)…

В.С.

Поврзани новости