Пратеничката Сања Лукаревска вели дека ВМРО-ДПМНЕ додека биле во опозиција, кажувале дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал, а сега ќе го реализираат.
Таа додаде дека со изјавите на министерот за транспорт Александар Николоски дека главна битка во годините што следуваат ќе биде да се добие повеќе километри автопат во рамки на истата финансиска сума која е договорена, паднато е во вода сè што досега зборувале.
„Сега владата на Христијан Мицкоски ќе го реализира истиот договор со ’Бехтел и Енка’. Сè што зборуваа падна во вода. Ако тоа било историски криминал за кој обвинуваше ДПМНЕ и според нив се работело нелегитимно, како тоа истиот Договор го реализираат?“, рече Лукаревска во гостување во дебатната емисија 24 Анализа.
Лукаревска вели дека околу овој договор се кренало многу прашина, а моментот на транспарентноста поради класифицираноста не успеале да го надминат што, според неа, можеби е причина што се создала таква перцепција за „Бехтел и Енка“.
„Додека ВМРО-ДПМНЕ беа во опозиција, за договорот со ’Бехтел и Енка’, на големо кажуваа дека е историски криминал и дека е штетен. Се држеа и пресови, се одеше на терен, се крена голема прашина, се даваа конкретни податоци, па потоа владата ги демантираше“,рече таа.
За тоа што доколку сега има истрага и сето досега кажано се поткрепи со докази, Лукаревска рече дека ако имало злоупотреба институциите треба да постапат.
„Апсолутно, можеби и така треба затоа што тоа е всушност нивната борба. Каде што имало злоупотреба на законите, каде што се работело нелегитимно нормално дека треба институциите да постапат“,додаде таа.
Ставовите на ВМРО-ДПМНЕ околу договорот со „Бехтел и Енка“ во емисијата ги бранеше пратеничката Марија Митева, која рече дека од она што успеале да го видат од овој договор е една голема нула.
„Не видовме реализација на ништо досега, а видовме огромен број средства што беа потрошени од буџетот“, рече Митева.
Таа додаде дека договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10-д немало потреба да биде ставен како класифициран документ.
„Верувам дека министерот за транспорт доволно добро ги познава правните состојби и она што произлегува од договорот, па верувам дека во определена клаузула на истиот доколку постои состојба на класифициран документ се разбира дека другата страна е таа што ќе треба да даде согласност за тој да биде декласифициран“,додаде Митева.