Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма истакна дека СДСМ најави поднесување на ново законско решение, како дел од пакетот мерки подготвени од партијата, кое е резултат на непреземањето ништо од страна на власта за зголемените цени во продажбата, цените за струјата, пад на индустриското производство, немање социјален дијалог, урнисување на животниот стандард.
-Ова не е политичко прашање, тука треба да се обединат власта и опозицијата и да се донесе ова одлично законско решение кое се темели на три постулати: од една страна ќе се зголемат платите на работниците, од друга страна ќе се зголеми ликвидноста на компаниите, ќе помогне и на работодавачите и од трета страна ќе има повеќе средства во буџетот преку реализација на овој закон за ослободување од дел од придонесите за зголемување на платите, нагласи Лукаревска, додавајќи дека законското решение се однесува на околу 400.000 работници.
Лукаревска истакна со зголемување на платите на вработените во износ од 3.000 до 15.000 денари, односно просечно 7.500 денари, за 12 месеци во џебовите на работниците ќе одат 585 милиони евра, а буџетот ќе има прилив од 58,5 милиони евра, од данокот на личен доход од 10%.
-Сите параметри, коишто треба да значат еден вид економска политика, којашто ја слушавме во предизборитето, а сега власта многу тешко ја менаџира, предизвикува да носиме едни вакви законски решенија, но сметам дека не треба ад хок веднаш да бидат отфрлени овие решенија, иако станува збор за решенија носени од опозицијата, напротив треба да разговараме, да дискутираме и ако е нешто добро треба да се прифати во рамки на парламентот. Не знам кои оправданија ќе ги имаат сега колегите од владеачкото мнозинство, како за првите два закони, односно измени во законот за ДДВ коишто ги поднесовме за намалување на ДДВ на струјата од 18 на 5% и 0% ДДВ за прехранбените производи, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.