Ние сме посветени на европската агенда, бевме премногу посветени и на она што го завршивме успешно, а тоа е дека Македонија денес е членка на НАТО и тоа беше нашиот главен фокус. Владеевме во период кога имаше многу кризи и покажавме дека знаеме и во такво кризно време да ги менаџираме процесите, истакна заменик претседателка на СДСМ и носителка на листата во третата ИЕ Сања Лукаревска, во интервју за „Трилинг“.
Лукаревска додаде дека никој не може да каже дека ништо не е сработено, меѓутоа можеше и секој пат повеќе и подобро и врз основа на тоа СДСМ ја бара шансата да го продолжи тој континуитет на развиени економски политики, на развој во повеќе сегменти и неприкосновена борба против криминалот и корупцијата.
-Седум години се работеше макотрпно во повеќе процеси и сегменти, седум години бевме и блокирани за клучни работи коишто требаше да го видат светлото на денот за да продолжиме во одредени процеси, седум години можеби се доволни во одреден сегмент да направиме одреден напредок, и во делот на транспарентноста и медиумските слбооди, и во делот на она што значи ублажување на казнената политика, која претходно беше репресивна, да биде превентивна, се боревме и против селективна правда, се боревме и против тоа партискиот орган да не биде судски совет, се боревме и против тоа политичарите да бидат судии, се боревме против се она што беше вистината за Македонија – наведе Лукаревска, додавајќи дека во оние телефонски разговори, се слушна како се прават соодветни нарачки.
Лукаревска потенцираше дека се обврзала на фер и позитивна кампања, но нема да дозволи никакви дисквалификации од политичкиот опонент, туку ќе се бори само со факти, аргументи и бројки за она што им нуди, за граѓаните утре да гласаат за СДСМ.
-Граѓаните не сакаат да не гледаат како постојано се расправме, се навредуваме, кажуваме невистини еден за друг, граѓаните сакаат да слушнат што ќе понуди СДСМ во делот на повисокиот животен стандард на граѓаните, што ќе подуди СДСМ за стандардот на пензионерите, за младите, за унапредување родова еднаквост, граѓаните не сакаат политичари, кои само за да покажат супериорност го омаловажуваат противникот – истакна заменик претседателка на СДСМ и носителка на листата во третата ИЕ.