Лукаревска: Префрлањето на службениците е во целост согласно со законот

by Fokus

Префрлањето на државните службеници во даночни било правно оправдано и спроведено во согласност со законите, тврди поранешната директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

-Доколку не го направевме тоа во законскиот рок, можеше да дојде до тужби, па дури и до кривична одговорност за мене како работодавач, вели Лукаревска за Слободен печат.

Одлуката била потпишана на 12 февруари од тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација и предвидувала сите вработени во УЈП да добијат нови договори за работа во рок од еден месец, што било постигнато без да се нарушат правата на вработените.

-Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено, изјави таа.

Според Лукаревска, откажувањето и издавањето нови договори не е новост во УЈП. Таа потсети дека и таа самата, кога започнала да работи во УЈП во 2017 година, добила откажување на договор и потоа нов договор за работа.

-Ова е пракса која и претходно се сметала за законски издржана. Државниот инспекторат за труд, за жал, не го зема тоа предвид, иако ние постапувавме според истото искуство, нагласи Лукаревска.

Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе иницијатива за кривично гонење на Сања Лукаревска, доскорашна директорка на Управата за јавни приходи. Од ДКСК посочуваат дека иницијативата е за кривичното дело „несовесно работење во службата“.

„Постапувајќи по предмет оформен по пријава со наводи за прекршување на законските одредби во изборен процес во Управата за јавни приходи, со донесување на решенија за распоредување на вработени и склучени нови договори за вработување за 978 вработени во Управата за јавни приходи“, наведуваат во пријавата од ДКСК.

Ваквата пријава следува откако сегашната директорка на УЈП, Елена Петрова ја обвини Лукаревска дека донела незаконски одлуки со кои создала хаос во институцијата при што вработените незаконски земале поголеми плати кои сега треба да ги враќаат назад.

Лукаревска пак верува дека ќе се најде соодветно решение за вработените да не враќаат пари.

Поврзани новости