Лукаревска: Нудиме поголеми плати и пензии и шанса за младите да останат во државата

by Fokus

Носителката на кандидатската листа во Втората изборна единица на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, Сања Лукаревска синоќа на трибина во Ѓорче Петров порача дека на граѓаните им нудат европска перспектива и создаваат амбиент со кој сакаат да ги задржат младите да останат во државата.

Посочи дека ја развиваат економијата и парите ги враќаат кај граѓаните и во тој контекст истакна дека ДДВ во угостителството е намалено на 10 проценти, во занаетчиството од 18 на 5 проценти, а персоналниот данок за ИТ индустријата е нула до 2023 година.

– Нудиме поголеми плати и пензии, нудиме шанса на младите да останат дома. Во поранешното „Македонско село“ формираме „Старт-ап село“, можност  младите да ги реализираат своите бизнис идеи, поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години од работењето,  ја продолжува мерката 3.000 денари месечен младински додаток во производството за вработени млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование, ќе донесеме закон за младинска гаранција со што ќе се институционализира оваа форма на поддршка на младите до вработување, ќе формираме фонд за стипендирање на млади луѓе за потребите на занаетчиството, рече Лукаревска.

Побара поддршка од граѓаните на 15 јули за да можат да го продолжат концептот „едно општество за сите“ и преговорите со Европската унија.

– Ќе се избориме со сите остатоци од режимот. Социјалдемократскиот сојуз гради мостови со соседите, сега тие се наши пријатели. Отпочнуваме преговори со Европската Унија, тоа ќе значи и реална финансиска поддршка со европски пари. Во земјава градиме едно општество за сите, зашто разликите се заедништво. Градиме праведно општество каде непристарсниот инспектор е професионален инспектор, каде непристрасниот судија е добар судија. На 15 јули ја бараме вашата поддршка зашто можеме уште повеќе и уште подобро, рече Лукаревска.

Поврзани новости