„Ние сепак имавме отчетен конгрес на кој ги посочивме грешките спакувани во еден обемен извештај а презентиран од нашиот генерален секретар. Од општинските организации беше побарано повеќе време да се дискутира и да се анализираат овие податоци од извештајот“.
Ова денеска во гостување на ТВ24 го изјави Сања Лукаревска, заменик претседателка на СДСМ.
– За да стигнеме до тоа дали имало кворум на конгресот или не требаше да заседава верификационата комисија. Ние не стасавме до таа точка од конгресот – вели Лукаревска на прашањето дали вчерашниот конгрес на СДСМ е прекинат поради немање кворум.
Лукаревска вели дека е вообичаено прво да се обрати претседателот на партијата што Ковачевски и го стори.
На коментарот на Јован Деспотовски, дека е преседан да се прекине конгрес и дека никогаш досега тоа не се случило, Лукаревска вели дека секогаш имало делегати кои не доаѓале на конгресот, но според неа, тоа не е причината за прекинувањето на конгресот.
– Извештајот вели дека нашата грешка е пренагласеноста на некои наши стратегии и визии. Секоја изборна единица има различна теза и политика која е приоритет, а ние бевме насочени кон тези кои не беа вистинскиот наратив за тие гласачи. Ние недоволно се обраќавме на неопределените. Ние не излегувавме во пресрет на одредени интереси на членството, како и нашата недостапност и ароганција – вели Лукаревска.
Таа додава дека заложбата на СДСМ по доаѓањето на власт беше непосреден контакт со граѓанството, но дека сепак биле направени грешки.
– Ние ја разбравме пораката, ние ја слушавме пораката. Несомнено е дека сите кои имале функција во СДСМ има соодветна грешка и во таа колективна одговорност сите сме по едно камче во таа одговорност. Но, не смееме да заборавиме дека функциониравме во кризно време. Правевме и многу отстапки за да функционира државата. СДСМ има таков ксмет да владее во кризно време и да носи тешки одлуки за време на своето владеење и тоа се рефлектира врз гласачите и членовите доколку тоа добро не се објасни, а ние очигледно потфрливме во тоа да им објасниме на луѓето – вели Лукаревска во тв гостувањето.